Вкупните депозити и кредитите продолжуваат да растат, покажуваат последните податоци на Народната банка. Вкупните депозити се зголемиле на месечна основа, што се должи на растот на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Вкупните кредити, исто така, продолжиле да растат на месечна основа, со нешто поизразено учество на корпоративниот сектор. Од друга страна, годишниот раст на вкупните кредити изнесува 6,6 отсто и се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.
– Во јуни, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа раст од 1,1 и 1,4 отсто на месечно ниво, а 10,0 и 13,8 отсто на годишно ниво, соодветно. Автомобилските кредити и натаму бележат месечен и годишен пад од 1,3 и 8,6 отсто, соодветно.
Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки на месечно ниво се зголемени за 0,2 и 1,3 отсто, соодветно, додека на годишна основа остварија пад од 4,2 и 9,4 отсто, соодветно. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, бележат месечен и годишен пад од 0,2 и 6,4 отсто, соодветно – е наведено во анализата на НБРСМ.
Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, во согласност со регулаторните промени, според одлуката на Народната банка, на годишно ниво кај кредитите на корпоративниот сектор е забележан раст од 6,4 отсто, а кај кредитите на секторот „домаќинства“ од 9,6 отсто.