Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 2,5 до 3 денари за литар, а цената на бензините се намалува за 1,5 денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,2 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 81, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 83,5 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за три денари за литар и ќе се продава за 71 денар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 2,5 денари за литар и ќе изнесува 70 денари.

Со одлуката на РКЕ за 0,028 денари за килограм се зголемува малопродажната цена Мазутот М-1 НС и ќе чини 41,437 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 3,666 отсто, кај дизелот за 6,122 и кај екстра лесното масло за 6,12 отсто, додека кај мазутот има зголемување за 0,865 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,064 отсто.