Германија стана најголем европски пазар за електрични автомобили, надминувајќи ја Норвешка, што е знак дека купувачите во таа земја сė повеќе се заинтересирани за новата технологија.
Тоа се случува во период кога Фолксваген и Дајмлер го зајакнуваат своето производство на возила на батерии за да и парираат на американската компанија „Тесла“.
Според податоците на Европското здружение на производители на автомобили, продажбата на возила со електрично полнење во Германија во првото тромесечје годинава се зголеми за 70 отсто на 17.574 автомобили, првпат потиснувајќи ја Норвешка од лидерската позиција.
Овој податок, како што соопшти агенцијата „Блумберг“, ги опфаќа електричните автомобили, како што е моделот „С“ на Тесла, како и плуг-ин хибридите, како што е „Актив Тутер серија-2“ на БМВ.
Низ цела Европа продажбата на електрични автомобили се зголеми за 41 отсто, при што автомобилите со погон само на батерии бележат раст на продажбата од 35 отсто, плуг-ин хибридите од 47 отсто, додека купувањето на дизел возила во ЕУ се намали за 17 проценти.