Дождот во август доволно ја навлажни земјата за да влијае позитивно на земјоделските култури. Роковите за сеидба се испочитувани и не постои ризик за житните култури
Земјоделците оваа сезона имаа добри услови за сеење, наспроти неколку години претходно кога во континуитет се мачеа со неповолните временски услови. Агрономите велат дека и температурата на воздухот и почвата биле оптимални за посеаното семе, а и квалитетен семенски материјал, соодветни агротехнички мерки и навремена заштита и прихрана се исто така услови за добри приноси.
Тие напоменуваат дека оваа година ќе се памети по долга суша, но и по обилните дождови што за еден месец успеаја да ги наполнат резервите за влага во почвата. Иако имавме мошне високи температури, подлабоките почвени слоеви имаа доволно влага за да не се одложи есенската сеидба.
– Во изминатиот период зборувавме за суша, но сега не е така, бидејќи во текот на август имавме обилни врнежи. Во септември беше периодот на рана есенска сеидба за репката и афионот, кои сѐ помалку ги има на нашето подрачје, ваквите врнежи ја дополнија влагата во почвата во подлабоките слоеви со што имавме одлични услови за почнување на есенската сеидба – објасни агрометеорологот Ангелко Ангелески.
И претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски, потврди дека оваа година временските услови се најпогодени за есенската сеидба, бидејќи почвата има доволно влага.
– Дождот во август доволна ја навлажни земјата за да влијае позитивно на земјоделските култури. Роковите за сеидба се испочитувани и не постои ризик за житните култури. Сепак, крајниот резултат зависи и од понатамошните временски услови, битно е какво ќе биде времето и во следните месеци, за да може културата да ги помине сите фази на развој. Се очекува да имаме поладна зима со многу повеќе снег од минатата година и поради тоа сметам дека ќе имаме успешна година – објаснува Станковски.
Тој додава дека, секако, ќе има и пролетна сеидба, која исто така е битна, но од друга страна кај нас се покажало дека есенската сеидба е најплодна.
– Морам да напоменам дека секоја година се забележува влијанието на климатските промени врз земјоделството. Во последниве години немаме класично лето, ниту есен, или зима, сѐ е изместено. Може ќе треба да се предложат некои нови видови култури што ќе треба да се одгледуваат или, пак, какви современи и поотпорни семиња треба да се користат за да се избориме со климатските промени. Но, сепак, Македонија има најмногу потреба од засадени површини со пченица, и ако не успееме да пристапиме кон наводнување, тогаш ќе треба да се насочиме кон увозот – смета Станковски.
Претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, дополни дека секоја година временските услови се сѐ полоши поради влијанието на климатските промени, посочувајќи дека може ќе треба сериозен проект за садење култури, кои бараат помалку вода за навoднување и кои имаат пократок период на вегетација.
– Неопходно е за житните култури да има и државна помош, за да се избегне истите тие да исчезнат од нашите ниви, како шеќерната репка, ’ржта, сончогледот. Дури и јачменот сѐ помалку се одгледува, зашто нема кој да го купи – додава Тантаров.
Експертите се согласни дека временските непогоди, кои се резултат на климатските промени, во иднина се очекува да бидат уште поизразени, а се особено штетни за земјоделството. Се намалуваат приносите на жито, на градинарските и на фуражните култури, и општо се намалува производство на храна за луѓето и за животните. Поради ова државата, а особено земјоделскиот сектор, мора да се подготви за климатските промени.
На Македонија ѝ е потребна сериозна студија, која ќе даде насоки како да се ублажат штетите од климатските промени врз земјоделството.
Во публикацијата насловена „Земјоделството и предизвиците од климатските промени“ се наведува дека поради климатските промени приносите насекаде во светот ќе се намалуваат за по околу два отсто во текот на секоја деценија до крајот на векот. Извештајот предупредува дека климатските промени претставуваат „сериозен ризик за безбедноста на храната, дури и со адаптација“ доколку глобалната температура се зголеми за четири степени Целзиусови до крајот на векот.