Бројот на финансиски друштва што нудат брзи кредити од 2015 година се зголеми за трипати, од десет регистрирани финансиски друштва во 2015 година до 32 финансиски друштва во 2021 година, а упатените велат дека за нив сѐ уште има простор на пазарот
ИСТРАЖУВАЊЕ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА И НА НАРОДНАТА БАНКА
Брзите кредити сѐ почесто предизвикуваат голем интерес кај граѓаните, како и кај дел од фирмите. Но и бројот на компаниите што овозможуваат брз пристап до финансиски средства во Македонија е во постојан раст. Дали тоа значи дека граѓаните сѐ повеќе се наоѓаат во „тесно“ за да ги задоволат основните потреби, па ова е една брза алтернатива за преживување? И дали воопшто постои ризик за пошироката заедница?
Во рамките на финансискиот систем, вкупните средства на преостанатите (небанкарски) финансиски институции во 2020 година бележат годишен раст од 14,1 отсто, покажува истражувањето на небанкарскиот финансиски сектор во Македонија, кое го спроведоа Асоцијацијата на финансиски друштва на Република Северна Македонија и Народната банка.
– На крајот на 2020 година, вкупните средства на финансиски друштва изнесуваат околу пет милијарди денари, а најголем дел од нив или 89 отсто се однесуваат на побарувањата од приватниот сектор. Кредитите одобрени на населението на крајот на 2020 година се околу 3,5 милијарди денари, додека кредитите одобрени на фирмите се околу 980 милиони денари – велат од Асоцијацијата на финансиски друштва.
Ги пресретнуваат краткорочните финансиски потреби на граѓаните и на помалите фирми
Оттаму додаваат дека во согласност со податоците од последниот извештај за финансиска стабилност од 2019 година на Народната банка на Северна Македонија, банките учествуваат со 81,4 отсто во вкупните средства на финансискиот систем, а евидентно во последните неколку години расте учеството на небанкарските финансиски друштва.
Бројот на финансиски друштва од 2015 година се зголеми за трипати, од десет регистрирани финансиски друштва во 2015 година до 32 финансиски друштва во 2021 година.
– Оттука, растечката кредитна поддршка на населението и на фирмите од страна на финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните кредитори – банките и штедилниците, укажува дека постои потреба за зголемување на степенот на финансиската интермедијација и финансиската вклученост во домашната економија. Нивната улога е особено изразена на сегментот на потрошувачки кредити, но не изостанува ни поддршката на микро и малите фирми – споменуваат од Асоцијацијата.
Оттаму додаваат дека суштината на небанкарските финансиски друштва е да ги пресретне краткорочните финансиски потреби на граѓаните за финансиски услуги на брз, ефикасен и едноставен начин, со примена на напредна и иновативна технологија на сите канали што потрошувачите ги преферираат, со акцент на дигиталните канали.
Засега не им се конкуренција на банките
Според поранешниот гувернер Љубе Трпевски, граѓаните се одлучуваат за брзи кредити поради едноставната процедура и брзината што банките не им ја овозможуваат, но ја нудат овие финансиски друштва.
– Пандемијата и економската состојба влијаат на финансиските капацитети на македонското општество и затоа и расте изминатиов период кредитната поддршка од страна на овие финансиски друштва. Појавата на овие финансиски друштва е доказ дека пазарот има потреба од вакви финансиски организации. Тие пополнуваат една празнина што се јавува на пазарот, бидејќи има потреба од финансирање на дел од населението, кое од разни причини нема пристап до банкарските шалтери – смета Трпевски.
Тој додава дека од нивното работење засега ризикот е минимизиран, барем за пошироката заедница, и дека не претставуваат вистинска конкуренција на банките.
– Сѐ уште ги има во многу мал број овие финансиски организации, а дополнително нивната финансиска моќ е многу мала за да имаат влијание врз овој сектор или, пак, да им претставуваат конкуренција на банките – појаснува Трпевски.
Се создава ли ризик од презадолженост?
Од Народната банка посочуваат дека финансиските друштва и натаму се со мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност.
– И покрај брзиот раст, тие и натаму се маргинален дел од финансискиот систем, а долгот што го креираат кај домаќинствата и корпоративниот сектор, на агрегирано ниво, сѐ уште има многу мало релативно значење, мерено преку учествата во вкупниот долг или во вкупните средства на нефинансискиот сектор. Сепак, нивната ориентираност кон клиенти со послаба кредитоспособност, коишто најчесто не се квалификуваат за кредити од депозитните финансиски институции, како и високите цени, коишто дел од финансиските друштва ги наплатуваат на одобрените кредити, создава ризик од презадолженост, па дури и неодржлива задолженост на одделните слоеви од населението или поединечни правни лица – објаснуваат од НБРСМ.