На пакетот финанскиска помош за компаниите како дел од четвртиот сет на економски мерки, се осврна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој присуствуваше на 15-от традиционален собир на транспортери во организација на Асоцијацијата Макам Транс.
Министерот потенцираше дека мерките се носат за да им се олесни работата на транспортните компании во време на ковид-кризата.
– Продолжуваме со поддршката за исплата на плати, која важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември. Поддршката ќе биде одредена според намалувањето на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Би сакал да информирам дека на предлог на Министерството за транспорт и врски, ќе се изврши пролонгирање на важноста на лиценците за плус една година дополнително без надомест. Ова сметаме дека е многу важно за да ги намалиме трошоците – истакна министерот Бочварски.
Тој информираше дека за 2021 година, според квотата на базни дозволи со кои располага Министерството за транспорт и врски обезбедени се 1440 годишни дозволи за возила со Евро 6 стандард и 2280 месечни дозволи за возила со Евро 5 стандард.
– И уште една работа за која сакам да се осврнам е тоа што во соработка со вашата Асоцијација прифативме измена на Уредбата која е во владина процедура и која го решева моментот на нераспределани годишни дозволи. И во наредниот период заеднички ќе продолжиме да работиме, веќе разговаравме да формираме работна група, во која учество ќе земат и заинтересираните асоцијации од областа на превозот на патници и превозот на стока и заеднички ќе пристапиме кон изменување на законската и подзаконската регулатива во овие области – се обрати министерот Бочварски пред присутните транспортери.