Дванаесет илјади четиристотини и осумдесет компании аплицирале за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник со која се овозможува континуитетот на работните процеси, обезбедивме основа за редовна исплата на плати и придонеси, при што се создадоа и сериозни услови да се сочуваат работните места.
Ова го истакна советникот за економски прашања на претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, на прес-конференцијата по повод сетот владини мерки за поддршка на економијата во справувањето со последиците предизвикани од пандемијата на коронавирусот, и додаде дека бројката на компании што аплицирале е охрабрувачка бројка ако се знае дека до крајот на рокот за аплицирање остануваат уште три дена денешниот, утрешен и целиот задутрешен ден (четврток) до 24 часот, и се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите кои ги исполнуваат условите.
– Аплицирањето за оваа мерка започна на 1-ви мај, и до сега, иако имавме празник и викенд, во Управата за јавни приходи се пристигнати нешто повеќе од 12.480 апликации – истакна советникот на премиерот, Битиќи.
Тој наведе дека веднаш откако беше јасно дека коронавирусот освен здравствена, ќе предизвика и економска криза во земјата, Владата многу бргу ја подготви и започна да ја реализира стратегијата за поддршка на економијата. Тој нагласи дека Владата со јасно поставена цел беше фокусирана да им се помогне на што повеќе граѓани, да зачуваат што повеќе работни места, да ги поддржи компаниите на нашите сограѓани за нивна ликвидност и да ги постави темелите за рестарт на нашата економија кога ќе заврши кризата.
Тој ги повика сите компании кои сè уште немаат аплицирано за оваа финансиска поддршка, да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП.
– Апликациите за месец април, треба да се достават најдоцна до крајот на задутрешниот ден, односно до 7-ми мај. Кога станува збор за оваа мерка, важно е да споменеме дека Владата, кога ја донесе Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите, овозможи компаниите кои од 11-ти март до крајот на април отпуштиле одреден број работници, сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Ова им дава голема шанса на работниците, кои во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на претходните работни позиции. Сакам да напоменам дека станува збор за околу 2.000 работници во март и околу 7.000 во април. Тоа е апсолутно далеку од бројката од 100.000 изгубени работни места со која ВМРО-ДПМНЕ манипулира и ја дезинформира јавноста со намера да создаде лажна слика за бројот на отпуштени работници – информираше Битиќи.
Тој истакна дека паралелно со оваа, во тек е и спроведувањето на мерките „Ковид 1“ и Ковид 2 бескаматни кредити од линиите на Развојната банка на Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто ги таргетираат сите микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата.
– Од линијата кредити Ковид 1 досега се одобрени вкупно 631 кредитни апликации за исто толку компании со 5.588 вработени. По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22%, а средните компании до 250 учествуваат со 1%. За втората линија бескаматни кредити „Ковид 2“, заклучно со вчера се примени 1.260 апликации. Повикот е објавен на 29-ти април, а ќе трае до 13-ти мај 2020 година, вкупно 15 дена. Ги повикувам компаниите да аплицираат и за овие поволни кредити кои ја поддржуваат нивната ликвидност. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра – истакна Битиќи.
Битиќи посочи дека економските политики на Македонија во последните три години покажаа дека мерките носеле и ќе носат резултати, а за тоа зборуваат и проекциите од Светската банка според кои се проценува дека нашата земја најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.
– Во широкиот и сеопфатен пристап на дизајнирање на мерките за ублажување на економските последици опфатени се и интервенции за одржување на ликвидноста на стопанството. Во таа насока е клучно и токму поради тоа го овозможивме брзиот поврат на ДДВ-то. Тоа е една од редовните активности кои се преземаат во таа насока и од која не отстапивме. Од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра. Тоа е за 16,7% повеќе во однос на претходната година. Само за месец април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23% повеќе во однос на истиот месец лани. Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари-април е зголемен за 19,4%, додека во однос на 2017 година за високи 67,6% повеќе – истакна Битиќи.
Тој нагласи дека со цел да се помогне во надминување на последиците од кризата, Владата донесе и Уредба со законска сила за примена на законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба.
– Со оваа Уредба се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година. Заедно со поволностите од Уредбата која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на Данок на добивка за месеците март, април и мај 2020 година, придобивките од овие две уредби ги искористија околу 1.200 компании – информираше Битиќи.
Тој потенцираше дека Владата подготвено одговори на предизвикот и со сеопфатноста и целовитоста на мерките покажа дека никој не е изоставен.
– Се грижиме и за граѓаните дел од неформалната економија со релаксирање на критериумите и начинот на користење на правото за минимална помош и брз влез во системот на социјална заштита. Го продолживме времетраењето на олеснетиот услов за утврдување на материјална необезбеденост како услов за добивање гарантирана минимална помош, и го проширивме опфатот на ранливите групи граѓани кои може да добијат финансиска поддршка. Од носењето на првата уредба со законска сила за Законот за социјална заштита, односно од 3-ти април во центрите за социјална работа имаме околу 970 нови барања за остварување на правото на гарантирана минимална помош и тие се решаваат тековно – наведе Битиќи.
Тој соопшти дека во тек се преговори со Светска банка за нов проект за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19.
– Проектот е во износ од 90 милиони евра и се состои од две компоненти – првата компонента се однесува на зајакнување на здравствените капацитети, а втората компонента е за поддршка на домаќинствата и се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од коронавирусот и паричен надоместок за оние кои ги изгубиле работните места како резултат на кризата. За дополнителна поддршка на ранливите семејства е и мерката со која околу 30.000 домаќинства, корисници на социјална помош, добиваат по 1.000 денари енергетски додаток, освен за месеците април и мај, се до септември, односно и надвор од грејната сезона – информираше советникот на премиерот.
Тој посочи дека ова е време кога солидарноста треба да се покаже на дело, а токму поради принципот на солидарност, се дава таму каде што нема, на работниците, стопанството, самостојно вработените, спортисти, уметници, а се крати онаму каде што може, односно на неприоритетни и непродуктивни трошења.