Коронавирусот го забрза демонтирањето на крузерите
Индустријата на патувањето со крузери е еден од најтешко погодените сегменти на туризмот, а со оглед дека никој сè уште јасно не гледа светло на крајот на тунелот, најпознатите светски компании за патувања со крузери започнаа со кастрење на трошоците од крајот на јули.
Тоа кастрење предвидува не само мирување туку и демонтажа, односно сечење на постојните крузери, кои последните недели завршија во Турција или во Италија, во градовите Алиага, односно Пиомбино.
Според процените на најголемото меѓународно крузинг-здружение ЦЛИА, пандемијата ги спречи кружните патувања за околу 32 милиони патници, а иако на почетокот на август некои компании ги продолжија патувањата со помали крузери, повеќето од поголемите и натаму не пловат, што се одразува на дневна основа врз нивната заработка, односно загуба.
Логичен потег во такви услови е укотвување, па дури и демонтажа на постојните бродови, од кои голем дел завршуваат со сечење многу порано од предвидениот рок.
Некогашните гости на „Мериот“ во Лондон го тужат поради кражба на податоци
Водечкиот светски синџир на хотели „Мериот интернешенал“ се соочува во Лондон со тужбите на милиони поранешни гости, кои бараат отштета откако нивните лични податоци биле компромитирани во еден од најголемите хакерски напади од тој вид во историјата.
Меѓу 2014 и 2018 година биле хакирани податоците на повеќе од 300 милиони гости во глобалната база на „Мериот“, вклучувајќи ги и податоците за пасоши и кредитни картички.
Во хакерскиот напад се компромитирани податоците на околу седум милиони британски гости, објави Канцеларијата на комесарот за информации на Велика Британија, од каде што минатата година на „Мериот“ му предложиле да исплати парична отштета од 99,2 милиони фунти (133 милиони долари).
„Мериот“ во 2018 година објави дека хакерите пристапиле до неговата база на податоци со резервации во хотелот „Старвуд“ и го информирал ФБИ. Адвокатите неколку часа подоцна поднеле тужба пред сојузниот суд во Мериленд, а следуваат и други тужби пред судовите во САД и во Канада.
Голем пад на извозот на германски машини
Германскиот извоз на машини остро паднал во второто тромесечје поради пандемијата на коронавирусот, покажаа податоците на асоцијацијата на производители ВДМА.
Извозот на машини е намален во второто тромесечје за 22,9 отсто на годишно ниво, по умерениот пад во првите три месеца оваа година.
Во првата половина на годината паднал 14,1 отсто.
– За да се врати извозот во нормала, многу земји-клиенти во индустријата на машини прво мораат да ги ставаат под контрола последиците од пандемијата и да развијат поголема доза самодоверба за нови инвестиции – рече главниот економист на ВДМА Ралф Вичерс.
Податоците покажаа дека германскиот извоз на машини во САД е намален 23 отсто, додека извозот во Кина падна за 7,9 отсто.