Американската економија влезе во рецесија
Американската економија во второто тромесечје потона за 32,9 отсто во однос на истиот период лани, што е нејзин најголем пад од 1947 година, односно откога се води евиденција, објави американското министерство за трговија, со тоа означувајќи го крајот на историски најдолгиот период на економски раст во САД.
Таквиот пад на БДП е повеќе од тројно поголем од претходниот рекорден пад од 10 отсто во второто тромесечје во 1958 година.
Колку за споредба, во првиот годинашен квартал најголемата светска економија падна за пет отсто во однос на истиот период минатата година.
Со тоа САД го завршија историски најдолгиот период на економски раст, што траеше 11 години, а официјално настапи рецесија, која вообичаено се дефинира како две тромесечја едноподруго во кои паѓа БДП.
Главнината на рекордниот пад на БДП се случи во април, кога економската активност речиси запре откако кон средината на март беа воведени строги мерки за сузбивање на ширењето на епидемијата на коронавирусот, поради што запре работата на фабриките, рестораните, кафулињата…
„Фолксваген“ со загуба од 1,4 милијарда евра
Пандемијата на коронавирусот тешко им наштети на деловните резултати на најголемиот европски производител на автомобили, групацијата „Фолксваген“, чија загуба пред оданочувањето во првата половина на годината изнесува 1,4 милијарда евра. Во истиот период лани „Фолксваген“ оствари 9,6 милијарди добивка пред оданочувањето.
Откако производството во март и април запре, а побарувачката за нови автомобили на европскиот и северноамериканскиот пазар падна, приходите на „Фолксваген“ се намалија за 23 отсто, на 96 милијарди евра. Испораките во првата половина на 2020 година на годишно ниво паднале 27 отсто, на 3,9 милиони возила, но германскиот производител информира дека стапката на пад од мај се намалува.
Компанијата со седиште во Волфсбург ги задржа своите процени за работењето во 2020 година и очекува оперативните резултати значително да паднат во однос на минатата година, но сепак да останат во плус.
„Хуавеи“ го надмина „Самсунг“ со продажбата на мобилни телефони
Кинеската компанија „Хуавеи“ во второто тромесечје стана најголем светски продавач на паметни телефони пред „Самсунг“, и тоа благодарејќи на домашниот пазар, додека глобалната побарувачка за мобилни телефони од овој производител падна поради пандемијата на коронавирусот.
„Хуавеи“ од почетокот на април до крајот на јуни испорача 55,8 милиони уреди, за разлика од „Самсунг“, кој испорача 53,7 милиони, покажуваат податоците на истражувачката компанија „Каналис“.
Кинеската компанија е под притисок на американски санкции, кои ѝ наштетија на нејзиното работење во странство, но најновите податоци покажуваат сè поголема доминација на овој бренд на домашниот пазар.