Авиосообраќајот во март забележа историски пад
Светскиот авиосообраќај во март го забележа најголемиот пад во поблиската историја. Тој падна дури за 52,9 отсто во однос на истиот период лани, со што се спушти на нивото од 2006 година, соопшти Меѓународното здружение за авиосообраќај (ИАТА).
Вкупно 290 авиокомпании членки на оваа асоцијација се тешко погодени од затворањето на границите во светот за да се запре ширењето на новиот коронавирус. Според согледувањата на ИАТА, ситуацијата продолжила да се влошува и во април, а повеќето сигнали укажуваат на бавно закрепнување.
Германската автоиндустрија бара помош од државата
Најголемите германски производители на автомобили апелираа до Владата да помогне за оживување на побарувачката, бидејќи епидемијата на коронавирусот предизвика загуби во првиот квартал оваа година.
Според предвидувањата на „Фолксваген“, глобалната продажба на автомобили оваа година ќе забележи пад за 15- 20 отсто, јавува Ројтерс.
„Дајмлер“ објави дека профитот во првиот квартал е помал за 70 отсто.
Барањата на германските производители на автомобили се упатени во пресрет на најавениот самит на канцеларката Меркел со лидерите на автомобилската индустрија, на кој ќе се бараат решенија како да се оживее најважната гранка на германската индустрија по катастрофалните последици од епидемијата на коронавирусот.