„Тим институт“: 44 отсто од граѓаните немаат пари за штедење
Само еден процент од граѓаните во земјава може да си дозволат да купат стан или викендичка, 57 отсто имаат доволно за храна и облека, 12 проценти немаат доволно средства ниту за храна, а 44 проценти немаат средства за штедење.
Ова се резултатите од истражувањето за финансиска писменост спроведено од „Тим институт“, кои беа претставени од Асоцијацијата на финансиски друштва, која е барател на истражувањето.
Филип Димитровски, претседател на асоцијацијата, истакнува дека иако голем дел од населението нема средства, истражувањето покажало дека малкумина од нив ги користат расположливите финансиски услуги, но во исто време и не располагаат со информации за можностите што им се нудат.
Просечната плата во Македонија 25.435 денари
Просечната месечна нето-плата по вработен, во септември 2019 година, изнесува 25.435 денари и, според податоци на Државниот завод за статистика, бележи раст од 4,4 отсто во однос на септември лани. Зголемувањето се должи на раст на платата по вработен во секторите транспорт и складирање за 8,8 отсто, административни и помошни услужни дејности за 7,9 отсто и дејности за здравствена и социјална заштита за 7,3 отсто.
Просечната месечна бруто-плата по вработен, во септември 2019 година достигна 37.797 денари.