Данска и Норвешка први ќе закрепнат економски по пандемијата, Македонија на дното
Данска и Норвешка се на врвот на земјите со најотпорни економии, односно земји што најбрзо ќе закрепнат по светската пандемија на коронавирусот, проценува осигурителната компанија „ФМ глобал“.
Од земјите од регионот брзо економско закрепнување се предвидува и за Словенија и Хрватска, додека од Србија побавно ќе закрепнуваат Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Македонија и Албанија се на дното на табелата, односно предвидувањата се дека економското закрепнување кај овие земји по завршувањето на пандемијата ќе оди потешко.
Листата на отпорност на економските системи ја рангира отпорноста на деловното опкружување во 130 земји врз основа на факторите како што се политичката стабилност, корпоративното управување, ризикот во опкружувањето, логистиката на синџирите за снабдување и транспарентноста.
Според овие параметри, Македонија е на 100-то место со 28,9 бода, додека Албанија е на 95-то место со 30,7 бода.
Постигнат договор за намалување на производството на нафта
Членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и другите производители на нафта постигнаа договор за зголемување на цените на нафтата со намалување на нејзиното производство за речиси 10 милиони барели дневно.
Договорот бил постигнат на состанокот одржан преку видеоврска, во неделата попладне, а го поддржаа и претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, како и саудискиот крал Салман.
Економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот доведе до пад на цената на нафтата на најниско ниво од 2002 година. Од почетокот на годината, цените на суровата нафта паднаа за 50 отсто.