Промената на мерката, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, е тоа што директната помош за исплата на плати е многу обемна операција што бара висок износ на пари, а тоа е големо оптоварување на државниот буџет

Наместо исплати на средства за платите за вработените, државата на сопствениците на компаниите ќе им понуди бескаматни кредити, како дел од петтиот пакет мерки што сѐ уште не финализиран и за кој дебатира, при што најголемо негодување доаѓа од бизнис-секторот.
Промената на мерката, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, е поради тоа што директната помош за исплата на плати е многу обемна операција што бара висок износ на пари, а тоа е големо оптоварување на државниот буџет.
– Процесот на консултации и координација за петтиот пакет мерки со сите засегнати страни сѐ уште трае и истиот тој сѐ уште не е комплетно дефиниран – истакна тој.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски истакна дека претходните пакет мерки биле во насока да ги надоместат загубите на компаниите и да им дадат поддршка да опстојат за време на најголемата криза и дека овој пакет е повеќе за да се подигне поголема ревитализација и заздравување на стопанството.
– Компаниите што ќе имаат проблем со исплата на плати ќе може да аплицираат во Банката за развој да добијат бескаматен кредит, а оние што ќе покажат раст, според критериуми што ќе бидат дефинирани, ќе може да добијат грантова компонента во самиот кредит – рече Ковачевски.
Тој додаде дека како помош на компаниите планирано е да им се даваат бескаматни кредити со три години период на враќање, но и можност 30 отсто од овој кредит да се претвори во грант.
– Сведоци сме дека не се гледа крајот на епидемијата и дека на компаниите им претстои тежок период и сѐ уште постои ризик бизнис-секторот да падне во уште подлабока дупка – вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Тој додава дека мерките на Владата, како и на сите влади во светот се неопходни, но потребна е поголема поддршка на компаниите и да бидат креирани дополнителни мерки за поттикнување на приватниот сектор.
– Сѐ што се пласира, сѐ е со популизам, треба да престанат ваквите популистички настапи и да се фокусираме на бизнис-секторот затоа што оваа криза ќе остави длабоки последици врз компаниите. Нормално е да не може државата финансиски да издржи, но затоа е потребно селекција во буџетот и да не се расфрла со пари таму каде што не треба. Мерката за субвенционирање плати е неопходна, и тоа само на оние сектори и компании каде што им е најпотребна, бидејќи не се сите бизниси погодени исто од пандемијава – појаснува Хајредини.

Според него, компаниите што ги користат мерките само преживуваат за да не дојдат до колапс и до масовно отпуштање работници.
Од Сојузот на стопански комори апелираат да се продолжи со мерките за поддршка на бизнис-секторот и да нема застој во исплата на финансиската поддршка за плати, бидејќи тоа ќе има големо влијание врз задржувањето на работните места и опстанокот на компаниите.
– Неопходен е континуитет, односно да нема застој во обезбедување финансиска поддршка за исплата на плати. Конкретно, секторите угостителство и туризам се соочуваат со ограничувања, но веруваме дека со соодветна и навремена финансиска помош од државата, проактивен однос на туристичките оператори и строго почитување на протоколите може да се надминат состојбите и да се зачуваат деловната активност и вработувањата додека да се подобрат состојбите – истакнуваат од ССК.
И од Сојузот на синдикатите на Македонија бараат да продолжи финансиската поддршка за исплата на плати, за да се зачуваат работните места и да има заздравување на економијата за полесно надминување на кризата.


Лукаревска: Нови 306 работодавци ја злоупотребиле поддршката за исплата на плати

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на вчерашната прес-конференција објави податоци што зборуваат за злоупотребата на финансиската помош по однос на исплата на плати за месецот декември, откога истата појава беше регистрирана и во претходните месеци.
– За декември 2020 година се поднесени 13.721 барање и на 13.160 работодавци им се исплатени вкупно 961.709.366 денари за вкупно 60.974 вработени лица. Со состојба од февруари 2021 година, 306 работодавци што примиле финансиска поддршка во износ од 16.05.020 денари не ја исполниле обврската за исплата на плата на 992 вработени лица. Работодавците што не ја исплатиле платата добиле опомена, а по рокот, ќе следува блокада на сметките и пренос на сметките на вработените лица. Најголема злоупотреба е забележана во дејностите трговија на мало, угостителство и градежништво. Најголемиот број од фирмите што ја злоупотребиле помошта се од Скопје – истакна Лукаревска.