Фото: Илустрација/Aрхива

Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ од вечерва на полноќ се зголемуваат 0,50 денари за литар, а цената на „евродизелот“ се зголемува 3 денари за литар, соопшти доцна попладнево Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во исто време цената на екстра-лесното масло за домаќинство ЕЛ-1 се зголемува 13,50 денари за литар, а на мазутот М-1 опстанува непроменета.

Во согласност со оваа одлука од вечерва на полноќ максималната цена на „евросупер БС-95“ ќе изнесува 67,50 денари за литар, на „евросупер БС-98“ – 69,50 денари за литар, на дизелот и на екстра-лесното масло – 58,00 денари за литар, а на мазутот – 34,779 денари за килограм.

Регулаторната комисија информира дека денешната промена на одлуката од 5 април 2021 година за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт е донесена во согласност со измените на Законот за акцизите, што го донесе Собранието.

– Одлуката доаѓа откако Собранието на РСМ ги изгласа измените на Законот за акцизите. РКЕ практично изврши усогласување на одлуката со законот што е во сила и сега малопродажната цена на екстра-лесното масло за горење е изедначена со дизел-горивото. Цените на нафтените деривати се приспособени во согласност со новите износи на акцизите – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.