Многу е важно работниците да не потпишуваат спогодбен отказ од работа, за да можат да користат парична помош во случај на невработеност поради корона-кризата, нагласи заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар на денешната видеосесија насловена „Ковид-19, прашања и одговори“.
– Ако има спогодбен престанок на работен однос, на лицето не му следува паричен надоместок и со тоа работникот се доведува во состојба ем без плата, ем без можност да оствари паричен надоместок преку Агенцијата за вработување. Затоа, на работодавачите им се препорачува, во овој период, доколку немаат друга можност и се принудени да го отпуштат работникот, тоа да го направат преку технолошки вишок – објасни заменик-министерот.
Тој исто така порача дека работниците не треба да прифаќаат какво било условување од работодавачите поврзано со исплата на плата.
Во случај кога газдата ги условува работниците дека ќе им ја исплати утврдената плата за април и мај но, само ако потпишат спогодбен отказ, она што треба да го направат работниците е да пријават во Државниот пазарен инспекторат.
– Со вториот сет мерки за справување со економските последици од кризата предвидена е директната помош од 14.500 денари за месеците април и мај, за исплата на вработените во фирмите погодени од кризата. Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат да изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени – нагласи Бајрактар.
Што се однесува пак до тоа кому му следува паричен надоместок, а за кого е наменета гарантирана минимална помош, заменик министерот за труд и социјална политика рече дека граѓаните кои останале без работа имаат право на паричен надоместок во висина од 50% од просечната месечна нето плата за последните 24 месеци, доколку претходно биле во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
Надоместокот се исплатува согласно годините работен стаж. Граѓаните треба да го поднесат барањето до Центарот за вработување во местото каде живеат.
Бајрактар, додаде дека секое лице кое не е вработено, доколку сака да биде евидентирано како невработено лице, треба да се пријави во Агенцијата за вработување, односно во центарот за вработување според местото на живеење.
Лицата кои ќе се пријават како невработени ќе се стекнат со право на паричен надоместок, а остваруваат и право на здравствена заштита.
На видеосесијата заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ појаснија повеќе детали поврзани со конкретните уредби кои се однесуваат на корисниците на социјална заштита.