Спроведување на економските реформи за привлекување инвестиции, поддршка за проекти кои ќе ја подобрат транспортната и енергетската инфраструктура, можности за зголемување на средствата од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Западен Балкан, обединување на земјите од регионот, поголема соработка меѓу владите и стопанствениците, како и заеднички инвестиции во функција на раст и стабилност е фокусот на економскит сегмент на Самитот ЕУ Западен Балкан.
Ова го порача претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска вчеравечер во Софија во обраќање на отворањето на Виенскиот економски форум. Економскиот форум продолжува и денес со учество на премиерите на државите од Западен Балкан.
Таа ја истакна важноста од спроведувањето на економските реформи во Република Македонија во процесот на приближување до Европската унија.
– Спроведувањето на економските реформи во земјата со приоритет на регулаторната реформа, како и на енергетскиот и транспортниот пазар, намалување на неформалната економија и функционирањето на пазарот, доследност на политиките, владеење на правото за привлекување и задржување на инвеститорите се приритетите кои значат заедничка работа на сите важни чинители во општеството како клучни за постигнување економски раст, конкурентност и подобар животен стандард – рече Арсовска.
Потребно е, додаде, искористување на достапните фондови за да изградиме силна економска мрежа со земјите од Западен Блакан, како обединет пазар кој ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.
Европската унија во консултација со земјите од Западен Балкан ја усвои декларацијата од 17 точки на Самитот на ЕУ-Западен Балкан. Во согласност со документот, ЕУ и на овој самит ја потврди поддршката за европската перспектива на Западен Балкан и изрази одлучност да ја зајакне својата вклученост на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјалната трансформација на регионот.
Меѓу другото, во декларацијата се вели дека ЕУ се обврзува значително да ја поттикне поврзаноста во транспортната, енергетската, дигиталната и економската сфера, а се додава и дека ЕУ се согласува да промовира поволна пазарна и инвестициска средина во Западен Балкан за тој побргу да се придвижи кон дигиталната економија и кон одржливите општества што ги почитуваат одредбите за климата во согласност со парискиот договор.
Претседателот на ССК Арсовска, ја предводи бизнис делегацијата на Република Македонија која е најголема од земјите од Западен Балкан, со традиционално учество на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Таа е специјален гостин на Виенскиот економски форум под покровителство на бугарското претседателство на Советот на Европската унија.
Самитот е еден од клучните настани за време на Бугарското претседателство со Советот на Европската унија, кој ги поврзува сите 28 шефови на држави или влади на ЕУ со премиерите на Западен Балкан. Целта на Виенскиот економски форум е да изгради мост помеѓу бугарското претседателство на Советот на ЕУ и следното австриско претседателство со Европскиот совет.