Владата мора да покаже капацитет да се грижи за правната држава и да ги третира сите економски субјекти подеднакво, да ги поддржи доколку ги исполнуваат своите обврски, но и да ги задржи своите права доколку не ги исполнуваат.

Ова го порача вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев во одговор на прашањето дали го добил писмото од вработените во Сардич на денешната прес-конференција во Владата на која беше промовиран првиот јавен повик за кофинасирани грантови за мали и средни претпријатија. 

– Информацијата ја добив преку медиумите и се уште не сум го добил писмото. Кога ќе го добијам, ќе го разгледам соодветно и ќе одговорам. Сепак,  кога еден економски субјект потпишува договор со државата за концесија тој презема и одговрности. Во член 13 од Договорот е преземена одговорност дека во рамките на две години од потпишувњето на Договорот, а тие две години се веќе одамна изминати, треба да биде воспоставено производство на катоден бакар. Тоа значи дека треба да има погон за електролиза, а тој таму не беше изграден – изјави Анѓушев.

Вработени од Сардич МЦ и Копер инвестментс, концесионерот на рудникот Казндол, денеска испратија отворено писмо до вицеремиерот Анѓушев и македонската јавност во кое велат дека се без плата во пресрет на 1 Мај и оти се блокирани заради, како што посочуваат, тоа што „на некој од новата власт, која ветуваше живот за сите, му текнало да се блокираат сметките на компанијата која редовно исплаќа плати на своите вработени и се грижи за своите вработени и за вработените на своите изведувачи“.