Околу 7.000 компании досега аплицирале за владините мерки, истакна денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска. Најголем интерес има за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за која аплицирале околу 5000 компании досега, а исто така има интерес и за бескаматните кредити на Развојната банка, како и за ослободување од исплата на аконтации за данок на добивка. – Согласно податоците на Управата за јавни приходи велат дека веќе околу над 1000 субјекти, компании и вршители на дејност ја искористиле мерката за ослободување од аконтации и тоа над 680 компании аплицирале за ослободување аконтации од данок на добивка и околу 380 самостојни вршители на дејност за ослободување од аконтации од данок на личен доход. Понатаму, оние бескаматни кредити линии кои што беа лансирани, првата линија скоро се искористи, со што над 630 компании или точно 631 компанија, кои што вработуваат 5.600 вработени, добија одобрени бескаматни кредити, во износ од 4,7 милиони евра. Оваа линија имаше навистина голем интерес, па веќе втората линија од 8 милиони евра беше пуштена на 29 април и за истата само на 29 април веќе имаше доставени 600 апликации од компании – рече Ангеловска.
Таа посочи дека за најобемната мерка во износ од 100-120 милиони евра за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, за која апликацирањето било пуштени во петокот – заклучно денеска до утрово, има поднесено над 5000 апликации од компании за само два дена во тек на викендот. Од нив 4000 апликации се веќе обработени и одобрени.
– Ова е навистина сметам еден значаен пакет мерки кој што беше лансиран и допрва, значи користењето на оваа најобемна мерка, која што се однесува за сите, која што треба да им помогне и ликвидоносно да ги заштити работните места, допрва очекуваме да заврши процесот на апликации, да имаат пополнети мпин обрасци, да кажеме за колку вработени се однесува и веќе од 10 мај да почнат исплатите, односно да се исплаќа финансиската поддршка кон фирмите. Ако се ова го имаме во предвид, овие мерки веќе околу 7.000 компании ако ги собереме, може да кажеме дека ги користат или ќе ги користат, или аплицирале за мерките од првиот и вториот сет на економски мерки кои што беа претставени – рече Ангеловска.