Вкупно 400 милиони евра заем до еврообврзницата ќе побара Владата од странски банки за да се издржи ударот врз економијата од коронавирусот, соопшти вчера министерката за финансии Нина Ангеловска. Заемот ќе биде со рок на достасување од 12 месеци, а целосно ќе се отплати со средствата кога ќе се издаде еврообврзницата.
Според Ангеловска, со очекува висината на каматната стапка да биде исклучително поволна, под 2,75 проценти.
– Подготвени сме за најлошите сценарија. Целта во овој момент е да обезбедиме ликвидност на буџетот – истакна министерката, додавајќи дека заемот до еврообврзницата ќе биде побаран денеска.
Исто така, дополнително, ќе бидат побарани уште 87 милини евра од Меѓународниот монетарен фонд, како и 100 милиони евра од Светската банка за развојни политики.
– Сигурност на државниот буџет и за најцрните сценарија, како и на буџетот за Министерство за здравство, ликвидност и финансиска инјекција во стопанството, помош на фирмите и заштита на секое работно место, се клучните цели во овој момент. Не смее ниту еден граѓанин да остане без приходите – напомена Ангеловска.
Таа е децидна дека се направени сите анализи, земени се предвид и ризиците, по што е заклучено дека овие итни мерки се најповолни.
Министерката најави кратење на расходната страна, покрупни алокации меѓу буџетските корисници, а во услови на вонредна состојба истакна дека ребаланс на буџетот нема да биде потребен.
Во вториот квартал се очекуваат најголемите ефекти од коронавирусот, драстично намалување на даночните приходи. Во третиот квартал се очекува да започне закрепнувањето, а веќе во четвртиот да се почувствува закрепнувањето.