фото: Пиксабеј

Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми (АЗНПМ) е загрижена од фактот што во последно време, како што е соопштено, станува практика носители на јавни функции вербално да се пресметуваат со медиуми што критички ја опсервираат нивната работа.
– Последниот пример е со директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (ИДКНА), Скендер Асани, кој за написот за спомен-плочата на Мајка Тереза, објавен во весникот „Коха“, на недоличен начин го обвини весникот за поттикнување говор на омраза, односно за антисемитизам.

АЗНПМ смета дека овие обвинувања се крајно неосновани и злонамерни и дека преку нив директорот на ИДКНА сака да го дефокусира вниманието од неговата одговорност за темата за која пишуваше весникот „Коха“, а тоа е начинот на кој е поставена спомен-плочата на Мајка Тереза, со посебен осврт на името на донаторот, отсуство на верскиот симбол крст и изостанок на именувањето на Мајка Тереза како светица, бидејќи тоа е сторено во Ватикан пред неколку години – се вели во соопштението.
АЗНПМ потсетува дека улогата на медиумите и на новинарите во едно демократско општество е да пишуваат слободно и без притисок за теми што се предмет на јавниот интерес.

– Во таа насока, обврска на функционерите на јавните установи е да бидат транспарентни во нивната работа и да имаат отворена комуникација со медиумите. Доколку директорот Асани смета дека медиумот непрофесионално ја врши својата работа, тој имал право на приговор и до медиумските саморегулативни тела, како и до нашата асоцијација или можел да го искористи своето законско право за барање за исправка или демант. Но во никој случај тој нема право неосновано да клевети медиум. Затоа, АЗНПМ бара итно, како чин на морална одговорност за тешките и неосновани квалификации, директорот на ИДКНА Скендер Асани јавно да му се извини на весникот „Коха“, а истовремено го известуваме дека во иднина, доколку има што да каже, нашата асоцијација и медиумите членки се отворени за соработка – се истакнува во соопштението.