Бизнисмените од регионот да го искористат моментот и да се обединат за да го направат потребниот чекор кон решавање на заедничките економски проблеми, изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во пресрет на Економскиот форум за регионална соработка што ќе се одржи в четврток во Скопје. Говорејќи за можни теми на претстојниот форум, тој во интервјуто за еден од регионалните медиуми кажа дека тие се добро познати на Балканот, но проблемот е во тоа што недостигаше политичка волја за нивно решавање.
– Целта на сите досегашни иницијативи споменати и пред самитот се четири слободи, а тоа се слободниот проток на стоки, услуги, луѓе и капитал, но суштинското прашање е нивно спроведување, односно имплементацијата. Ова го покажа и последниот самит во Берлин, на кој не беше постигнат договор за каква било одлука во врска со операционализацијата на принципите на овие четири слободи, бидејќи секогаш имаше одредено надмудрување, блокада на администрацијата, одложување – објасни Азески.
Како пример, тој наведува дека процесот „Уан стоп шоп“ на граничниот премин Табановце – Прешево, воспоставен во август 2019 година и денес, по две години, работи на стар начин.
Азески, како човек со долго деловно искуство во регионот, наведува дека бирократското опкружување ја попречува економијата и ѝ дава примат на формата, а не на содржината.
– Потребни ни се конкретни чекори што едноставно ќе го решат прашањето за инфраструктурата меѓу нашите земји, ќе овозможат меѓусебно признавање сертификати и други документи, заеднички настап на трети пазари, заеднички производи, елиминирање на сивата економија и корупција, намалување на државните трошоци и подобрување на животниот стандард – објасни тој.
Најавената иницијатива на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за формирање на т.н. брзи ленти за побрз премин на луѓето од регионот на граничните премини ја оцени како добра, но додаде дека приватниот сектор сака, во време на дигитализацијата, најсофистицирани решенија за следење на нелегалните криминални активности, да ги елиминира граничните премини и долгите редици камиони, кои, како што наведува, постојат само уште кај нас.
Затоа, потенцира претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, нивната порака од собирот ќе биде јасна: „Да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се донесат одлуки за спроведување без оглед на отпорот на конзервативни сили“.