Во тек е тендер за изработка проект за обиколница во Ресен, најави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при вчерашната посета на општината.
По средбата со градоначалникот Живко Гошаревски, министерот информира дека двајцата соговорници заклучиле оти на градот му недостига обиколница.
– Кон средината на август ќе заврши тендерската постапка и веднаш ќе почнеме со изработка на проектот со средства од буџетот на јавното претпријатие за државни патишта. Откако ќе го направиме проектот, ќе ги видиме решенијата и динамиката на изградба на обиколницата, со што ќе ги растовариме улиците низ градот од товарни возила – изјави Сугарески.
Министерот и градоначалникот извршија увид во градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа, проект што се реализира преку Министерството за транспорт и врски, во вредност од 36 милиони денари.
– Ова е втора фаза од проектот. Со овој зафат ќе се реконструира водоводот на четири улици во градот, во должина од два километри, или вкупно со двете фази ќе се изврши реконструкција на 5,5 километри водоводна мрежа. Со тоа жителите на Ресен ќе добијат квалитетна вода, ќе се реши долгогодишниот проблем со застарената мрежа и честите дефекти – нагласи Сугарески.
Министерот за транспорт и врски и градоначалникот на Ресен разговарале и за други инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка од централната власт, но и оние на општината, како и за претстојната туристичка сезона.