Согласно одлуката на Надзорниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје, донесена на 12-та седница, одржана на 25.2.2021 година и по издадено одобрение од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, од 01.04.2021 година Тихомир Петрески ја презема функцијата член и претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје.
Г. Петрески доаѓа од позицијата генерален менаџер и основач на ПЕТРЕСКИ и ПАРТНЕРИ дооел Скопје. Зад себе има обемно професионално искуство во корпоративниот сектор, стекнато на повеќе раководни функции на домашниот и на интернационалните пазари за време на својата професионална кариера и повеќегодишно наставно искуство со активно учество во формалното и неформалното образование.
– Ми претставува привилегија и задоволство да бидам дел од тимот професионалци, кои раководат со компаниите членки на Групацијата Триглав. Воедно, предизвикот е уште поголем, затоа што станува збор за одговорна улога во управувањето со најмладиот член, како на Групацијата така и во реформираниот пензиски систем, и ќе ги вложам сите мои професионални капацитети во насока на остварување на заедничката цел, друштвото да се позиционира како атрактивен избор за капитално финансирано пензиско осигурување на македонскиот пазар – изјави г. Петрески во оваа прилика.
Г. Маријан Николовски и натаму продолжува да ја врши функцијата член на Управниот одбор на Друштвото.
Триглав пензиско друштво е дел од Групација Триглав, една од најголемите осигурително-финансиски групации во ЈИ Европа. Со работа започна во 2019-та година и во неговиот фокус е грижата за интересите на членовите на фондовите со коишто управува преку постигнување што подобар инвестициски резултат.