Фото: Архива

Големи ценовни шокови нема да има и нема потреба од прогласување кризна состојба во делот на енергетиката уверуваат од Министерството за економија. Енергетските експерти, пак, укажуваат дека за да се избегнат вакви кризи, неопходно е навреме да се подготвува енергетскиот сектор во земјава преку набавка на резерви на јаглен и мазут за работата на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино

РАСТОТ НА ЦЕНИТЕ И НЕДОСТИГОТ ОД ЕНЕРГЕНТИ НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР СЕ ЧУВСТВУВААТ И ВО МАКЕДОНИЈА

Нема потреба од прогласување кризна состојба во делот на енергетиката, нагласуваат надлежните, посочувајќи дека до крајот на оваа година нема да дојде до зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Растот на цените на струјaта на европскиот пазар и недостигот од овој енергент се чувствуваат и во Македонија. Компаниите што сами се снабдуваат со струја, изминативе месеци се соочија со откажување на договорите од нивните снабдувачи, поради што беа принудени да се „снаоѓаат“ за струја. Сепак, владините претставници уверуваат дека нема да се прогласува кризна состојба.
– Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде што треба за да нема такви ценовни шокови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација и во јануари – кажа министерот за економија Крешник Бектеши по седницата на Комисијата за електроенергетска кризна состојба.
Тој исто така посочи дека сега е премногу рано да се каже или некој да гарантира дека ќе има или нема да има зголемување на цената на струјата по Нова година, бидејќи се работи за светска криза, која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.
Бектешти посочи дека веќе работи вториот блок на РЕК Битола, за кој се надева дека до крајот на денот ќе работи со полн капацитет, а испратено е и писмо до стопанските комори за набавка на мазут во случај да треба да се вклучи ТЕЦ Неготино. Министерот се надева дека ќе биде успешен и тендерот за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК Битола, кој, според неговите процени, би почнал со работа за три-четири недели. Доколку тендерот за третиот блок на РЕК Битола не биде успешен, тогаш Бектеши најави уште еден состанок на комисијата и додаде дека и АД ЕСМ има право да купи струја од странство.

Универзитетскиот професор Антон Чаушевски објаснува дека за да не ни се случуваат вакви кризи, неопходно е навреме да се подготвува енергетскиот сектор во земјaва преку набавка на резерви на јаглен и мазут за работата на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино. Тој појасни дека резервите требало да се набават уште од мај или јули, но додава и дека и интервентниот увоз е подобар отколку увоз на струја, бидејќи цените на електричната енергија на светските берзи се многу високи.
– Реално е да се очекува раст на цените на струјата и кај нас, бидејќи зависат од светската берза на енергенти. Обично со зимата растат и цените, меѓутоа оваа година тој пораст се случи многу порано, уште на почетокот на септември, што е, секако, неочекувано за индустриските потрошувачи, за населението, а особено за енергетските компании. Интервентниот увоз на јаглен нема да биде доволeн, но, секако, ќе ја ублажи енергетската криза и ќе ја намали потребата од увозна електрична енергија. Ова е добро решение како привремена мерка. Секако, треба да се мисли долгорочно за изградба на нови енергетски производствени капацитети и одржување на постојните. Цените на енергентите на светските берзи се менуваат многу динамично, но изградбата на одреден производствен капацитет бара и време и високи инвестиции. Тука треба да биде подготвен енергетскиот сектор да реагира брзо и навремено со технички капацитети – укажа професорот Чаушевски, кој дополни дека рестрикциите би требало да бидат последна опција.
Професорот нагласи дека базната енергија не може да се замени со технологии на обновливи извори на енергија (ОИЕ) во енергетскиот систем и дополни дека енергетската криза е последица од повеќе фактори.

– Според мои сознанија, една од причините за енергетската криза е гасење на термоенергетските капацитети на јаглен во Европа и нуклеарните централи заради производство на зелена енергија. Друг фактор е зголемената цена на емисиите на јаглероден диоксид, кои достигнуваат и до 60 евра по тон јаглероден диоксид, што значи оптоварување на произведената електрична енергија од ТЕЦ на јаглен за дополнително 50 евра по мегават-час. Трет фактор за високата цена е изразито сувата хидролошка година, каде што производството на хидроцентралите е на најниско ниво. И, секако, економскиот фактор е зголемена побарувачка од страна на потрошувачите. Со доаѓањето на зимата, придонесот од фотоволтаичните централи драстично се намалува, а ветерната енергија е со силна динамична и непредвидлива природа – потенцира Чаушевски.
Според директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, нема опасност компаниите да останат без струја, секако ако имаат пари да ја платат. Тој посочи дека очекува стабилизирање на пазарот на електрична енергија и додаде дека Владата ќе интервенира со мерки за санација.
– Најмалите компании, исто како и домаќинствата, се снабдуваат со струја од универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, но сите други одат на слободен пазар преку трговци. Ако некој трговец со струја се откаже од договорот, тогаш ЕВН како снабдувач во краен случај ќе ја снабди компанијата со струја. Цента по која ЕВН го прави тоа е онаа што е на унгарската берза плус 50 проценти – вели Ковачевски.
Што се однесува до домаќинствата и малите компании што снабдуваат струја од универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, чие производство до 70 отсто треба да го обезбеди ЕСМ, Ковачевски нагласува дека поради високата цена на светските берзи, Владата ги задолжила да вршат стопроцентно задоволување на потребите.
Деновиве беше објавено дека МЕПСО четири пати добил опомени од европскиот регулатор за енергија за ненајавено преземање струја од европската енергетска мрежа, поради што, според директорот, нивниот долг ќе достигне 15 милиони евра.
Иако Владата на почетокот на месецов донесе одлука за интервентен увоз на јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј, за да се избегне увоз на струја по високи цени, сепак, беше објавено дека набавката не била успешна, бидејќи понудите не ги исполнувале бараните количества јаглен.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот на енергетиката беше посочено дека Македонија е умерено подготвена во областа на енергетската политика, постигнат е напредок во усогласувањето со третиот енергетски пакет и се преземени чекори за усвојување национален план за енергија и клима и инвестиции во обновливи извори на енергија, но не се целосно спроведени сите минатогодишни препораки.