Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од институтот за економски истражувања и политики посочуваат дека бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која сѐ уште не се наоѓа значителен дел од компаниите што тргуваат со земји што сѐ уште се во строг карантин

Реално ли е да се очекува економско закрепнување на стопанството во текот на оваа 2021 година, особено ако се има предвид дека сѐ уште трае здравствено-економската криза? Одолжувањето на кризата ги одложи и можностите за закрепнување на економијата, поради што бизнис-заедницата, и откога Владата завчера го објави новиот сет мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните, апелира и понатаму засилено да продолжи владината поддршка, особено во делот на исплата на платите и задржувањето на работните места.

Соодветната реализација клучна за ефективноста на мерките

– Петтиот пакет на мерки поврзани со кризата е комбинација од мерки што ги амортизираат загубите, односно со социјален карактер, и мерки што го стимулираат економско закрепнување, со развоен карактер. Соодветната реализација е клучна за ефективноста на мерките, поради што апелиравме во јануари 2021 дека брзоплетото донесување нареден пакет мерки без да се има предвид капацитетот за реализација на претходните и новите мерки, носи ризик од нецелосни резултати. Поради одолжување на ковид-кризата, ликвидноста на компаниите сѐ уште е загрозена, ставајќи во опасност голем број работни места. Укажавме дека е рано да се укине мерката за субвенционирање плати поради нејзината значајност во спасувањето на работните места и ја поздравуваме одлуката да продолжи за февруари и март 2021 – посочуваат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Од институтот ја коментираат и можноста да се избере помеѓу мерките „субвенции за плати од 14.500 МКД по работник“ и „бескаматни кредити за најпогодените сектори“.
– Бескаматните кредити се однесуваат повеќе на фазата на закрепнување, фаза во која сѐ уште не се наоѓа значаен дел од компаниите во туризмот и угостителството и дел од компаниите во некои гранки од преработувачката индустрија што тргуваат со земји што сѐ уште се во значаен карантин. Бескаматните кредити би предизвикале поттик во унапредувањето на технолошкото ниво, особено кај извозниците во преработувачката индустрија. Дополнително, бескаматни кредити како замена за поддршка на платите може да се понудат само со исклучително строга контрола на трошењето на тие средства за задржување на работниците, за што државата ќе треба да потроши многу ресурси, интензивен ангажман на Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд, но без гаранција за крајниот ефект – истакнуваат од „Фајненс тинк“.

Превозниците на мака поради лимитираниот капацитет

Претставниците на транспортниот сектор, поконкретно превозниците на патници, укажуваат дека мерките се добредојдени, со нагласка дека секоја помош е добредојдена, но посочуваат дека за низ од особено значење би било да ја зголемат искористеноста на своите капацитети.
– Од ова што го видовме досега, повторно има поддршка за плати, што сметаме дека е добра мерка, а алтернатива се бескаматните кредити и, секако, добро е што има помош и за транспортери што организираат меѓународни линии. Факт е дека секоја помош е добредојдена, но сметам дека најголема помош за превозниците на патници е институциите да дозволат превозниците да возат со 75 проценти од своите капацитети. Наспроти нашето ограничување на 50 отсто од можностите, дивите превозници возат со стопроцентна искористеност на капацитетите, а дополнително не плаќаат даноци, ниту какви било давачки. Додека ние сме ограничени, па дури и принудени да ги враќаме патниците, дивите превозници растат. Поради ограниченоста на искористеноста на капацитетите, луѓето што сакаат да патуваат, а се одбиени се упатуваат кон алтернативата што ја имаат, а тоа се дивите превозници, сакајќи да стигнат на посакуваната дестинација. Финансиската помош е добра, но за нашата област е потребно промена на одлуките за да можеме сами да работиме и да можеме да заработиме за плати и да не бараме помош од државата – вели Масер Омерагиќ, директор на „Руле турс“, компанијата за организиран транспорт на патници во земјата и во странство.

При канализирањето на поддршката треба да се имаат предвид шоковите во надворешната трговија

Од институтот за економски истражувања и политики дополнуваат дека укинувањето и намалувањето на царинските стапки и усогласувањето на царинските стапки во согласност со ЕУ би предизвикало зголемување на инвестициите, производството и конкурентноста на извозниците во Македонија.
– Дополнително, тие би ја направиле земјата поатрактивна дестинација за привлекување нови производствени линии од матичните компании на извозниците присутни во Северна Македонија. Оваа мерка во иднина би можела да биде дополнета со укинување или намалување на увозни давачки за набавки на машини и опрема, што дополнително би ги зголемило инвестициите и конкурентноста на компаниите – дополнуваат од институтот.
Што се однесува до фондот за поддршка на извозни компании, грантови за технолошки развој преку ФИТР, кредитни гаранции за мали и средни компании и мерки за дигитализација, од „Фајненс тинк“ посочуваат дека станува збор за исклучително значајни мерки, со оглед дека содржат развојна компонента.
– Иако извозниците значајно ги амортизираа загубите во доходот, особено поради шоковите во надворешната трговија, сепак се соочија со одредени ограничувања. Фондот за поддршка на извозните компании треба да ги има предвид тие ограничувања при канализирањето на поддршката. На пример, кредитните гаранции ќе овозможат надминување на ограничувањата во пристапот до финансии. Грантовите за технолошки развој би биле комплементарни на бескаматните долгорочни кредити при стимулирањето на технолошкиот напредок на компаниите. Мерките за дигитализација треба да го искористат притисокот од пандемијата врз компаниите да имплементираат долгорочни решенија за овозможување „работа од дома“, онлајн продажба – додаваат од „Фајненс тинк“.

Простувањето долгови може да биде есенцијално во амортизирањето на загубите

Од институтот исто така се осврнаа и на мерката за простување долгови и укажаа дека простувањето долгови може да биде есенцијално во амортизирањето на загубите, но истакнуваат дека овие мерки се подложни на морален хазард.
Членките на асоцијацијата за организација на настани ИВАП не се задоволни од петтиот пакет економски мерки на Владата, укажуваат оти настаните биле први забранети како мерка за спречување на пандемијата и дека цела година се соочени со предизвикот да опстанат.
– Во мерката 11, која е наменета за нашиот сектор, се предвидени средства за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес, мерка што не претставува помош, туку реализација на програма и активности на Владата за 2021 г. Нејасно е кои се тие проекти од државен интерес, по кои критериуми ќе се одбираат проектите? Дали помош ќе добијат сите или само одбраните? За кој период се однесуваат – пишува во реакцијата на асоцијацијата.
Посочуваат дека во периодот што следува ќе ги дефинираат следните чекори и ставови и ќе реагираат соодветно за да ја спасат индустријата.


Мерки за подобрување на конкурентноста и зголемување на извозот

Во однос на петтиот пакет владини мерки за помош на граѓаните и на стопанството, Стопанската комора на Македонија укажува дека многу од нив се произлезени од барањата на компании членки на комората и посочуваат дека од особено значење е процесот на нивна практична имплементација.
– Останува отворено прашањето на динамиката на носење на соодветната регулатива, законски решенија, кои треба да поминат низ собраниска процедури за да може компаниите да почнат со аплицирање за мерките. За некои од мерките сѐ уште не се познати критериумите во согласност со кои компаниите ќе се квалификуваат за нивно користење. Во однос на мерката финансиска поддршка на плати за вработените за февруари и март, реакциите се позитивни и, според компаниите, добро е што работодавецот сам одлучува дали ќе ја користи истата таа или мерката за кредити со нула отсто камата за најпогодените сектори. Во делот на угостителството и туризмот клучни се условите под кои ќе се нуди оваа мерка. Укажувањето од секторот е дека компаниите што работеа со минимален приход, споредено со истиот период од 2019 година, имаа одлив на работници најмногу како резултат на лични одлуки на вработените поради непредвидливоста на работниот процес во дејноста, како резултат на кризата. Истовремено треба да се укаже дека хотелите, туристичките агенции, туроператорите, во услови на минимална деловна активност во текот на цела 2020 година, направија и вложија сопствени напори за задржување на максимален број работници, што треба да биде поддржано – пишуваат од Стопанската комора на Македонија.

Оттаму дополнуваат дека петтиот пакет предвидува и други мерки што директно ќе влијаат на подобрување на конкурентноста на домашните компании и зголемување на извозот за што е креирана мерката фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка и кредитна гарантна шема во периодот април-октомври 2021 година преку Развојната банка.
– За целосно усогласување со царинската политика на ниво на Европската Унија, СКМ во соработка со надлежните институции работи на анализа на нивото на царинската заштита на нашата економија, заради ревидирање на царинскиот тарифник и усогласување со правилата на ЕУ-пазарот и пазарите на членките на СТО. Очекуваме со ова трајно да се влијае на конкурентноста на нашите компании и зголемување на извозот – истакнуваат од СКМ.
Од комората велат оти продолжувањето на грејс-периодот за плаќање обврски за корисници на кредити од кредитната линија „Ковид 2“ кај Развојната банка, привременото продолжување на концесии и одложувањето на наплаќањето надомест за лиценци и дозволи за вршење дејности, ослободувањето од договорени обврски за договори потпишани со ЕЛС на компании погодени од кризата и олеснителните услови за 245 компании ќе бидат од полза за компаниите.

– Барања во интерес на бизнис-секторот што ги пласира СКМ се однесуваат на системско намалување на бирократските процедури, поедноставување и рационализација на неданочните и парафискалните давачки, ревидирање на царинската политика, низ призма на заштитната и развојната функција, наместо фискалната, заради зголемување на конкурентноста на домашните компании, интензивирање на изведувањето на јавните работи, отстранување на застојот во реализацијата на започнатите проекти и ефикасна и непречена реализација на проектите во иднина, навремено сервисирање на обврските кон компаниите од страна на државата, општините и јавните претпријатија и поддршка на инвестициите и извозно ориентираните компании – заклучуваат од СКМ.