Стопанска банка го презентира својот најнов проект, со кој ја збогатува својата содржина, односно понудата на кредитни производи со вклучено осигурување, меѓутоа и дополнително на тоа станува најголемата продажна мрежа на осигурителни полиси во Република Македонија.
Со вчерашната конференција, Стопанска банка АД – Скопје го започна одбележувањето на својот 75-годишен јубилеј, како и почнувањето на банкоосигурувањето во соработка со „Кроација осигурување/неживот“ и „Уника лајф“. Преку своите 65 филијали, контакт-центарот што работи нонстоп и со повеќе од 120 лиценцирани застапници во осигурувањето, банката на пазарот нуди најголема продажна мрежа на осигурителните производи, со што осигурувањето станува подостапно за секого. Осигурувањето е дел од финансискиот систем на државата и претставува комплементарна дејност на банкарското работење, насекаде во светот. Улогата на Стопанска банка е да обезбеди едукација на клиентите за предностите на осигурувањето и за додадената вредност што ја добиваат преку користењето банкарски производи со вклучено осигурување.
– Осигурувањето во глобални рамки е веќе нераздвојно од класичните банкарски производи, а во Стопанска банка на клиентите им овозможува синергија, односно додадена вредност при користење на кредитните производи. Имено, сигурноста што ја добиваат клиентите со животното или осигурувањето од незгода е во поддршка на реализација на нивните планови, а банката го поддржува направениот избор со дополнителни поволности. Ни претставува задоволство што клиентите веќе ја препознаваат новата понуда на производите со вклучено осигурување, што е мотив повеќе за нас да продолжиме со понатамошен развој – изјави Диомидис Николетопулос, генерален и извршен директор на Стопанска банка АД-Скопје.
Со реализација на повеќе од пет илјади полиси преку банката во делот на животното и неживотното осигурување и позитивни реакции од клиентите, посебна популарност добиваат бесплатното годишно патничко осигурување, кое го добиваат сите нови и постојани корисници на кредитните картички виза и мастеркард на Стопанска банка, кое се активира преку филијала или контакт-центарот, кредитите со вклучено животно осигурување (потрошувачки, станбени, хипотекарни) со преференцијални услови и кредитите со вклучено осигурување од незгода и годишен ваучер од 400/600 денари, кој клиентите ќе го користат за друга осигурителна полиса набавена од банката.
– Поврзувањето на различните финансиски производи е веќе добро етаблиран тренд на пазарите во светот. Имајќи предвид дека осигурителните и банкарските производи тесно се дополнуваат, во интерес на корисниците направивме соработка со Стопанска банка АД – Скопје. Истовремено креираме и еден нов тренд на финансискиот пазар, кој ќе придонесе за дополнителен развој на услугите во интерес на корисниците – изјави Гоце Вангеловски, генерален извршен директор на „Кроација осигурување“.
Покрај понудата на банкарски производи со вклучено осигурување, клиентите ќе можат да ги добијат и сите други видови осигурување, како што се имотно/домаќинско и патничко осигурување со повластени цени, автоодговорност, зелен картон, каско-осигурување, осигурување од незгоди и слично.
– Ни претставува особено задоволство можноста да го претставиме стратегиското партнерство со Стопанска банка во понудата на животно осигурување под исклучително достапни услови, достапно преку 65-те филијали на „Уника груп“. Партнерството со оваа банка е идеална комбинација што ќе ни овозможи да реализираме значаен развој на животното осигурување во Македонија – изјави Александра Шкемби-Антовска, генерална извршна директорка на „Уника лајф“.