Косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрит Шала, денеска оствари средба со македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, со цел да изнајдат договор за укинување на блокадите за увоз, пренесува косовскиот портал „Газета експрес“.
Министрите постигнаа согласност оти косовската Агенција за храна и ветеринарство треба да испрати извештај до македонската Агенција за храна со анализа на програмата за следење на производите.
Шала истакна дека забраните за увоз на мед и компир од Македонија ќе бидат укинати, само откако Македонија ќе ја укине забраната за увоз на икра од Косово.
Ваквата средба е резултат на економската блокада која ја објави Косово за Македонија во врска со македонскиот извоз на компир и мед, како одговор на блокадата за извоз на икра од Косово.
Бектеши посочи дека одлуката ќе биде донесена откако ќе го добијат извештајот од косовската Агенција за храна и ветеринарство, како и дека економските мерки не се насочени само кон Косово, туку кон сите земји во регионот чии производи не го постигнуваат бараниот квалитет.