Податоците што ги објави ДЗС покажуваат дека кај засадената пченица имаме намалување на производството од 79.865 хектари во 2010 година, на 69.765 засадени хектари во 2020 година. Намалување е забележано и кај тутунот, каде што се намалени засадените површини со оваа култура
Производството на разни земјоделски култури од година на година варира и се забележува дека едни години има зголемени засадени површини или стебла на одредена култура, додека други години истите тие се намалуваат. Анализите на земјоделските култури покажуваат дека последните десетина години бил забележан раст на насадите со винова лоза, но од друга страна, има континуирано намалување на површините засадени со пченица.
Како што се наведува во публикацијата „Северна Македонија во бројки“ изработена од Државниот завод за статистика, растителното производство во периодот од 2010 до 2020 година се карактеризира со намалување на површините под домати и тутун, а бројот на родните стебла јаболка и на пенушките винова лоза бележат пораст. Податоците што ги објави ДЗС покажуваат дека кај засадената пченица имаме намалување на производството од 79.865 хектари во 2010 година, на 69.765 засадени хектари во 2020 година. Намалување има и кај тутунот, каде што се намалени засадените површини со оваа култура, а кај доматите се регистрираат подеми и падови, но без големи отстапки.
Кај јаболката ДЗС бележи исто така променливи состојби низ годините, од 4.312.647 стебла јаболка во 2010 година, нивниот број се намалил на 3.811.548 стебла во 2015, за повторно да доживее бум и да се зголемат на 4.804.837 садници во 2020 година. Кај виновата лоза се забележува значителен раст на бројот на родни пенушки од 76.347 илјади во 2010 на 84.781 илјади во 2015, за да се намалат пак во 2020 на 84.280 илјади пенушки.
Македонија изобилува со сончеви денови, што претставува предност во производството на квалитетни и сочни земјоделски продукти, сепак, расцепканото производство го прави истото тоа многу ранливо и неконзистентно. Инволвираните и упатените во земјоделските политики укажуваат дека на земјоделството му е неопходна организација што ќе резултира со поголемо и поквалитетно производство, за истото тоа да може и да се извезува.
– Кај нас како да владее една хаотична состојба во земјоделското производство, што е резултат на расцепканоста на производителите, но и на зелената мафија на која ѝ одговара ваква расцепканост. Во минатото функционирало договореното производство, особено во периодот на поранешна Југославија, и истото тоа се организирало во согласност со потребите на државата, сепак, тогаш се функционираше на поинаков начин. Денеска со договорите што ги имаме потпишано како земја со Светска трговска организација и други, со кои сме се согласиле на слободен извоз и увоз на стоки и производи, слободно може да увезува и да извезува кој каде сака. Во вакви услови, договореното производство многу потешко се реализира, а кон ова придонесува и големиот број на ситни производители. Тие се склони кон премислување, особено ако некој им понуди повисоки цени за откуп на производството, па наместо на договорениот купувач, стоката ја продаваат на друг што понудил подобра цена.
Од друга страна и трговците честопати ги намалуваат цените на земјоделците, сакаат и тие да извадат поголем профит, поради што нивото на доверба е нарушено. За да функционира договорено производство треба прво земјоделците да се организирани во здруженија, во организации и да нема колебливост, но и истовремено државата да создаде услови да функционираат здруженијата. Кај нас денес од разделените земјоделци добивка има зелената мафија, која од оваа хаотична состојба остварува профит со намалување на цените на земјоделците – вели претседателот на земјоделското здружение „Агрофаланга“, Љупче Станковски.
Тој додава дека има повеќе фактори што придонесуваат за разни негативни тенденции во земјоделството, поради што укажува дека е потребна јасна визија како да се развива овој значаен сектор.
– Поради расцепканоста, состојбите на терен тешко се менуваат и подобруваат. Ако сака државата да ги подобри состојбите во земјоделството, мора да постои договор меѓу политичарите и насочената поддршка, или субвенциите да бидат јасни и насочени кај производителите, да се видат каде се даваат парите. Нашите земјоделци не се организирани ниту во одгледувањето на културите, немаат ист квалитет, ниту пак ги продаваат своите производи организирано. Оваа расцепканост резултира со слаба искористеност на природните ресурси со кои располагаме, а кои можат значително да ги подобрат условите за земјоделско производство – додава Станковски.
Професорот Илија Каров, од Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, посочува дека за развој и континуитет во земјоделското производство е неопходна стратегија што ќе ги даде насоките како ќе се развива земјоделскиот сектор во следниве пет-десет години.
– Имаме стручњаци во секоја област од земјоделството, од житните култури, преку овоштарството, лозарството, раноградинарското производство, но државата не го користи нивното искуство. Не треба државата само да гасне пожар, туку да создава предуслови за развој на сите земјоделски гранки. Со една константна политика треба да се зголемува домашното производство на храна, сами да ги задоволуваме потребите за месо, јајца, брашно, сѐ што се добива од земјоделството. Друг аспект на кој треба да се посветат креаторите на политики е воспоставување контакти и соработка со странски компании за извозот на земјоделски производи – вели Каров.
Посочува дека треба да се развива врска меѓу примарниот производител и откупувачите и преработувачите, и нагласува дека цените по кои им се откупуваат производите на земјоделците се демотивирачки, не ги покриваат производствените трошоци, па земјоделците се откажуваат од земјоделството.
– Не успеавме во целиот овој транзициски период, во кој се сменија повеќе влади, да изградиме стратегија што ќе даде плод, што ќе го поттикнува земјоделското производство. Мора да се постават правила на игра со кои ќе се овозможи развој на секторот. Заедно со примарното производство, треба да се поттикнува и преработката на земјоделските производи, кои ќе се извезуваат со зголемена вредност и ќе се ангажира и дополнителен работен кадар – прецизира Каров.
Професорот истакнува дека голем проблем со кој се соочуваат земјоделците е недостигот од производители на семенски материјали и на вештачки ѓубрива. Додава дека има недостиг од семиња во земјава, поради што нашите земјоделци плаќаат скапи увозни семиња. Посочува дека со разни мерки може да се стимулира домашното производство на семиња и ѓубрива, со што би се намалила цената, а со тоа и производствените трошоци на земјоделците.