Недостигот на електрична енергија и енормниот раст на цените на струјата на светските берзи, според професорот Константин Димитров, делумно можел да биде предвиден во летните месеци, бидејќи растот на цените на енергентите започнал уште од мај и продолжил во текот на изминатото лето. Тој укажува дека сега малку може да се направи за да се спречи растот на цените, бидејќи на светските берзи струјата се купува согласно побарувачката, и тие цени важат за сите.
– Кога зборуваме за РЕК „Битола“ мора да сме свесни дека неговиот век на употреба е поминат, но тоа не значи дека капацитетите не функцонираат. Напротив, со обнова, со ремонти тие можат да се одржуваат во живот, но да бидеме реални, поради староста секогаш има опасност некои делови да откажат или да се случат разни дефекти. Исто како да имате автомобил стар 40 години, сигурно дека со таков автомобил нема да тргнете на одмор, тој ја врши функцијата, но не обезбедува сигурност на долги стази, што е слично со нашите термоцентрали. Дополнителен проблем во нашата земја е намалувањето на водостоите и енормното празнење на хидроцентралите, односно на вештачките езера, до степен на опасност да се уништи живиот свет во нив. Сепак, не верувам дека ќе се случи да останеме без струја, туку ќе мораме повеќе пари да издвојуваме за енергенти. Ова е повеќе финансиска криза, ако има пари ќе купиме што сакаме, ако немаме, нема да купуваме – укажува професорот Димитров.
Според него, нема опасност да се соочиме со целосен мрак и во случај целосно да откаже термоцентралата во Битола на подолг период, не само еден ден, бидејќи има помали електрани кои можат да ускокнат со зголемено производство, иако не можат да го заменат комбинатот, туку да компензираат дел од производството.
– Доколку дојде до тоа да не работи комбинатот, државата ќе може да произведе една десетина, или една петнаестина од вкупното производство во земјава. Во такви ситуации ќе мора да купуваме електрична енергија однадвор, или пак од ТЕ-ТО, која иако е домашна компанија, сепак е приватна и таа ја продава струјата на слободен пазар. И во оваа ситуација ЕСМ купува струја од нив и тоа по цена од 211 евра за мегаватчас. Но, тоа е компанија која продава по берзански цени, и кој не мислел на време сега ќе плаќа по повисоки цени – дополнува Димитров.
Тој посочува дека имало можности навреме да се согледаат тенденциите на поскапување на енергентите кои започнале уште во месец мај, и доколку од тогаш се купеле поголеми количини на електрична енергија или пак на друг енергенс, како гас или јаглен, кога цените биле многу пониски, денеска ќе се произведувала струјата по пониски цени и немало да се увезуваат јаглен или струја.
– Бидејќи не сме набавиле навреме јаглен, сега ќе го набавуваме по енормни цени, дополнително што истиот ќе се носи кога се очекуваат влошени временски услови. Можеби ќе биде потребен претовар, а се тоа ја зголемува цената. Од друга страна, ако се расипат сите три блокови ќе бидеме во многу лоша состојба. Но ако се е во ред, нема да имаме проблем. Сепак, прашање е во каква состојба се блоковите, каков ремонт е правен и колку се функцонални. Дополнително зависи колку јаглен ќе биде обезбеден со тендерите, но и колку и каков јаглен вадиме од домашните рудници. Проблем е што зависиме од РЕК „Битола“, немаме друг капацитет што може да произведе доволно струја за домашна потрошувачка – истакнува Димитров.
Професорот исто така посочува дека енергетиката е сложена тематика и за стабилност на секторот потребна е добра стратегија и домашни енергетски капацитети, без кои ни претстои енергетска зависност и енергетска сиромаштија. П.О.