Пчеларите велат дека во долгогодишното пчеларско работење се соочиле и сѐ уште многу често се соочуваат со проблемот на гликоза во тегла, која чини само 200 денари, додека ниту еден природен мед не се продава под 400 денари
ФАЛСИФИКАТОРИТЕ ПОСТОЈАНО ГИ УСОВРШУВААТ МЕТОДИТЕ
Техниките за фалсификување на медот не само што упорно се одржуваат туку и стануваат сѐ посовршени. Насекаде во светот контролите укажуваат на присуство на огромни количества фалсификуван мед, но во исто време се посочува дека методите за проверка и откривање фалсификати често се ограничени и несигурни. Пчеларите предупредуваат дека веќе и фалсификуваниот мед ги има истите својства како и вистинскиот. Неговото производство е толку изверзирано, што потрошувачите во никој случај не можат да направат разлика, ниту да забележат дека купуваат гликозен сируп, освен ако не се консултираат со експерт. Од една страна, тие се измамени, а од друга, се создава нелојална конкуренција, која практично ги уништува вистинските производители.
Според Здружението на пчеларски организации на Србија (СПОС), медот е третата храна што е најчесто фалсификувана.
– Пчеларството е исклучително тешко, така што медот е скап, а тоа го прави привлечна цел за фалсификување со евтини замени. Кина е најголем светски производител на мед, сочинува четвртина од светското производство, но нејзиниот успех и доминација по ниска цена долго време се гледаа со сомнеж – велат од здружението.
Оттаму додаваат дека во ноември минатата година, комитетот предупредил дека егзистенцијата на многу европски пчелари е во опасност, по една од најтешките жетви во последните неколку децении, делумно предизвикана од поплавите во Централна и Источна Европа, а делумно поради присуството на фалсификати и мед од сомнителен квалитет.
Како што вели Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агрофаланга“, во долгогодишното пчеларското работење се соочил и сѐ уште се соочува со проблемот на гликоза во тегла, а изразот „фалсификат мед“ е погрешен, содржината што се наоѓа во теглата нема никаква поврзаност со пчелите или со пчеларите.
– Тоа е најчесто гликоза произведена од пченка, која се увезува за потребите на слаткарското производство и кондиторската индустрија. Цената на берза на таа гликоза, чиј најголем производител се САД, а таму 90 отсто е генетски модифицирана, изнесува околу 20 денари. Од тоа може да се заклучи каков бизнис лежи во продавањето гликоза во тегла наспроти пчеларите што продаваат мед – потенцира Станковски.
Според него, трикови во мамењето на граѓаните за фалсификуваниот мед има безброј, од користење на зборот „природно“ во името на производот до користење придавки и глаголи како име на производот што ги збунуваат граѓаните, па и користење многу ситни букви како образложение за составот на пакувањето, кои 90 отсто од граѓаните не можат да ги прочитаат.
– Фалсификуваниот мед се продава за 200-250 денари, а ниту еден природен мед не е под 400 денари. Но тие производители на дното на теглата со ситни букви на декларацијата имаат испишано дека е тоа „производ од мед“, а не чист мед и со тоа тие пред законот се чисти – објаснува Станковски.
Тој додава дека неговото производство е толку изверзирано што потрошувачите во никој случај не можат да направат разлика, ниту да забележат дека купуваат гликозен сируп, освен ако не се консултираат со експерт или, пак, ако има декларација да прочитаат.
Борците за правата на потрошувачите потврдуваат дека имаме производи на кои сликата го лаже купувачот. За некои од нив, велат, веќе реагирале, но не сите ги промениле пакувањата. И покрај тоа, тие ги мотивираат граѓаните да пријавуваат за овие производи.
– Не смее сликата на производот да наведува дека се работи за нешто сосема друго. Граѓанинот купува визуелно. Многумина одлучуваат според сликата и таа мора да биде објективна. Целта на означувањето на храната, односно информациите поврзани со храната, е да им се овозможи на потрошувачите да добијат клучни информации за природата и карактеристиките на храната што ќе им помогне во вистинскиот избор на храната што ја купуваат. Најважното правило е дека означувањето, презентирањето и рекламирањето на храната (вклучувајќи ги и нејзиниот облик, изглед или пакување) не смее да го доведе во заблуда потрошувачот – вели Маријана Лончар-Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи.