Јавното претпријатие за државни патишта на секои три години има тендери за надзор на патиштата и на мостовите што се во негова надлежност. Во зависност од состојбата, мостовите се санираат и се обновуваат по препорака од надзорот. Но мостовите на локалните патишта се во лоша состојба и многу од нив не се санирани
Уривањето на мостот во Џенова, Италија, ја разбранува јавноста и предизвика полемики околу состојбата и безбедноста на мостовите како локално во Италија, така и пошироко низ Европа. Трагедијата во оваа развиена европска земја предизвика некои држави, меѓу кои и соседна Србија, да најават систематски контроли и проверки на стабилноста на мостовите. По сето тоа се наметнува прашањето каква е состојбата на мостовите во Македонија, кога се правени последните контроли или поправки и колкав е нивниот век на траење.
– Состојбата на мостовите на државните патишта во Република Македонија е различна. Имаме мостови што се со оштетувања и за кои се преземаат мерки за санација. Овие мостови се санираат и обновуваат според однапред утврдена динамика во годишните планови на Јавното претпријатие за државни патишта. Секако, имаме и мостови што се во одлична состојба, нови или санирани низ годините – велат од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Оттаму информираат дека на секои три години има тендери за надзор на патиштата и на мостовите што се во нивна надлежност.
– Надзорот меѓу другото има надлежност да извести заедно со „Македонија пат“ за какви било оштетувања на коловозни ленти и мостови. Притоа ЈПДП редовно презема акции за санација и реконструкција на мостовите, поточно онаму каде што е потребна поправка. Конкретно, кога зборуваме за мостовите, доколку се утврди оштетување, надзорот заедно, со консултанти од Градежниот факултет, излегува на терен да направи увид. Врз основа на нивните укажувања се вршат санации – додаваат од јавното претпријатие.
Од ЈПДП истакнуваат дека во одредени случаи кога мостот е премногу амортизиран, даваат препорака да се изгради нов мост што, како што наведуваат претставниците на ЈПДП, „редовно се прави“.
Од ова јавно претпријатие велат дека на државните патишта во Македонија има над 1.000 објекти во кои спаѓаат мостовите, вијадуктите и пропустите.
– Не може да се каже со сигурност кои се најстарите мостови, но меѓу нив се мостовите изградени од ЈНА пред повеќе од 40 години. Некои од нив веќе се санираат со сериозни градежни зафати, а некои се рушат и се градат нови – истакнуваат од ЈПДП.
Професорот Горан Марковски, од Катедрата за бетонски конструкции и мостови на Градежниот факултет на УКИМ посочува дека поинтензивната изградба на мостови во Македонија почнува во 60-тите години од минатиот век.
Според него, некои од мостовите се во добра состојба, но одреден број имаат сериозни оштетувања. Тој истакнува дека мостовите изградени пред скопскиот земјотрес 1963 година, не биле анализирани на сеизмички влијанија.
– Истовремено, употребата на нови стандарди подразбира и сѐ поголеми товари и повисоки барања. Некои мостови, како на пример оние изградени од поранешната ЈНА, во себе содржат низа конструктивни слабости, кои предизвикуваат сериозни проблеми. Ова е доволна причина за посериозен однос кон постојната инфраструктура на мостовите – вели Марковски.
Сепак, во поглед на стабилноста од сеизмолошки аспект, професорот Михаил Гаревски, претседател на Македонската асоцијација по земјотресно инженерство смирува и истакнува дека е направена инспекција на состојбата на мостовите.
– Институтот уште пред 10 години, по барање од Фондот за јавни патишта, направи информациона база на податоците за сите мостови од магистралните патишта во Македонија. Направена е детална инспекција на состојбата на мостовите на овие патишта, заедно со мерење на нивните динамички карактеристики со помош на техниката на амбиент вибрации – вели Гаревски. Тој посочува дека мостовите на магистралите се претежно со постар датум т.е. се градени пред 1970-тите години. Појаснува дека мостовите не се со големи распони и најчесто тоа се системи од типот проста греда или континуирана греда или, пак, системи плочеста рамка.
– Скоро сите мостови од грчката до косовската граница на Е-75, се зајакнати од страна на НАТО, за потребите за пренесување на нивните возила во базата „Бонстил“. Поради староста на мостовите, ова зајакнување навистина беше потребно на најфреквентниот пат во Република Македонија. Меѓутоа морам да напоменам, колку што јас се сеќавам, санацијата на овие мостови се базираше на статични товари, но не и на сеизмички. Граѓаните се сведоци дека и на другите главни магистрали се врши санација на мостовите. Од аспект на нивната сигурност и од статички и од сеизмички аспект може да се каже дека тие се во ред – истакна Гаревски.
За разлика од нив, мостовите на локалните патишта особено на патиштата од понизок ред, се во многу лоша состојба и најголемиот број од нив воопшто не се одржувани ниту пак санирани, додава професорот. Тој појаснува дека станува збор за мали мостови од типот проста греда и често врз нив поминуваат возила со поголеми товари од дозволените.
– Овој период сум координатор од страната на ИЗИИС на проект што е финансиран преку европската научна програма „Хоризонт 2020“, а се однесува на зголемување на отпорноста на мостовите од дејство на природни и човечки хазарди. Во проектот учествува Универзитетот од Павија (Италија), една израелска специјализирана компанија за мостови и ИЗИИС од Р. Македонија.
Проектот ќе трае 2 години и ќе овозможи хармонизација и подобрување на постојните податоци за мостовите, а исто така ќе биде развиена и тестирана нова методологија на повредливоста на мостовите во Македонија, Италија и Израел – додаде Гаревски, кој е поранешен претседател на европската асоцијација по земјотресно инженерство.
Мостот на Вардар на влезот во Велес во лоша состојба
Во многу лоша состојбата се столбовите и целосната конструкција на мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес, кој е стар 47 години. Загрижена за безбедноста, општината Велес пред неколку месеци распиша тендер за избор на најповолен испитувач на состојбата. Првичните процени на испитувачите – стручњаци од Градежниот факултет од Скопје велат дека мостот треба да се санира, но трајно решение е изградба на нов.
Градоначалникот Аце Коцевски најави дека ќе бара парични средства од централната власт за изградба на нов мост подолу од постојниот.
Проф. Елена Думова-Јованоска од Катедрата за теорија на конструкции од Градежниот факултет во Скопје рече дека визуелниот преглед покажал одредени оштетувања на мостот, но дека сега прават мерења на конструкција под дејство на сообраќај.
– Не треба да имате ни толку сензитивна опрема како нашата, а можете да ги почувствувате вибрациите кога стоите на мостот, особено од тешките товарни возила – вели Думова-Јованоска.
Таа истакна дека конструкцијата на мостот е дотраена, но дека последиците ќе бидат големи ако се затвори мостот, па препорачуваат одреден период да има побезбедна употреба на мостот. Долгорочното решение е изградба на нов мост.
Во Скопје редовно се следи и се санира
Претставниците на градот Скопје, велат дека редовно се следи состојбата на мостовите во главниот град и дека истите тие се стабилни.
– Преку Секторот за планирање и уредување на просторот се следи во континуитет состојбата на мостовите во надлежност на градот Скопје и можеме да информираме дека од досегашните согледувања од страна на стручни лица, мостовите се во стабилна состојба. Контрола на мостовите се прави во зависност од состојбата и увид на самото место, односно во зависност од потребите на конкретен мост – појаснуваат надлежните.
Од градот Скопје велат дека во поново време се вршени испитувања на неколку мостови во Скопје и тоа на мостот кај Сарај и на мостот Гоце Делчев од аспект на геодетска оскултација на мостовите.
– Исто така на неколку наврати се менувани и санирани дилатациони спојници на неколку моста, поточно на мостот кај железничката станица, мостот кон населбата Драчево и мостот Гоце Делчев. Во тек е постапка за менување дилатациони спојници на мостот Обединети нации со негова санација на надворешни и внатрешни конструктивни елементи како и санација на дилатациони спојници на мостот Гоце Делчев. Мостот Гоце Делчев како еден од најфреквентните мостови во Скопје е во постојан мониторинг и на неколку наврати е вршена интервенција за негова санација и одржување – истакнуваат од градот Скопје.
На територијата на градот Скопје има 25 моста, од кои 8 се пешачки и 17 за сообраќај. Најстар мост на територијата на градот Скопје е Камени мост како пешачки и тој е во надлежност на Управата за заштита на културното наследство.