Фото: Игор Бансколиев

Во државната компанија АД „Тутунски комбинат“ денеска треба да започне откупот на тутунот од годинашната реколта. Пред неколку дена со откуп почна „Соко таб“, а преостанатите осум откупувачи треба да почнат да го преземаат „жолтото злато“ од тутунарите во законскиот рок до 15 декември. Тутунарите велат дека квалитетот на тутунот е добар и очекуваат повисоки откупни цени. Но стартот во „Соко таб“ не ветува дека ќе има повисоки цени, велат од Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија (СЗЗМ), бидејќи просекот се движел околу 170 денари.
Менде Стомнароски, претседател на СЗЗ на Македонија, истакнува дека очекуваат во законскиот рок сите десет откупувачи да почнат со откуп на тутунот.
– Добро е што денеска со откуп почнува „Тутунскиот комбинат“. Очекуваме повисоки откупни цени, реална процена, да нема многу задршки и нормална исплата на парите. Тутунот е со добар квалитет. Годинава во Прилепско има произведено околу 15 илјади тони тутун, а на ниво на Македонија околу 24 илјади тони. Има најави дека од први декември со откуп ќе почнат и другите откупувачи – истакна Стомнароски.
Кире Станкоски, директор на „Тутунскиот комбинат“ (ТКП), истакнува дека како државна компанија целосно се подготвени за откупот на тутунот од реколтата 2020 година.

– Подготвени сме за откуп, почнуваме од денеска. Ги изработуваме спроводниците, поканите насочени за кооперантите, да направиме ред, имајќи ја предвид пандемијата што нѐ снајде сите. Во прилепскиот откуп, добро ќе се организираме. Тука е стационирано и обезбедувањето и има ред. Загрижени сме за селските откупни пунктови, каде што треба да има дисциплина и ред од кооперантите, да бидат совесни, имајќи ги предвид вирусот и бројот на заразени лица во државава. Сите документи се завршени, финансиските средства се обезбедени. Завршен е договорот со верните поддржувачи, Комерцијална банка и НЛБ банка. Финансиските средства се веќе на нашата сметка. Овие денови правевме планови за заштита на вработените и на кооперантите. Да немаме заразен, бидејќи секој еден ќе ги претрпи сите оние последици што ги носи овој вирус, а особено со опасноста од ситуација на комплетна изолација на цели одредени работни единици.

Договорените количества што ги имаме склучено со нашите кооперанти се околу 2,6 милиони килограми тутун, со над три илјади кооперанти. Динамиката свесно ја планираме да не биде оптоварен секој ден, за да се заштитат нашите кооперанти и вработените. Сѐ што е договорено, ќе откупиме. Тутунот е единствена култура што е решена со закон и максимално организирана. Исплатата ќе оди како и мината година. Значи, денеска тутунот се предава, наредниот ден финансиските средства ќе ги имаат на сопствените сметки – вели Станкоски.
Оваа реколта, според стручните лица, имала послаб квалитет од лани, а тоа се должело на неповолниот распоред на врнежите летоска.
Мострите за откуп што ги подготви комисија од Министерството за земјоделство се заверени. На терен ќе биде и инспекторат за да се врши увид во откупот на тутунот.