Бектеши-Домбровскис

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната средба со извршниот потпретседател на Европската комисија за економија, Владис Домбровскис истакна дека трговијата во целост треба да се движи во чекор со развојот на настаните во глобалната економија.

Министерот Бектеши и еврокомесарот Домбровскис се согласија дека се потребни реформи во СТО за да се воспостават нови правила што ќе ја модернизираат оваа организација и ќе се усогласат со економската и трговската реалност од 21 век.

Меѓу соговорниците било заклучено дека Македонија е силен поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правилата во Светската трговска организација (СТО), кој дава поголема сигурност во трговските односи, особено за малите земји, и придонесува за промовирање на отворена трговија, глобален економски раст и создавање нови работни места.

Реформите треба да се во насока на трговска одржливост почитувајќи ги целите на ООН Агендата за одржлив развој 2030, интегрирање на бизнис сектор во тие цели и тековните предизвици поврзани со ковид-19 во меѓународната трговија со крајна цел раст на вработеноста и раст на економиите.

Министерот Бектеши истакнал дека очекува суштински напредок да се постигне на 12 Министерска конференција на СТО што се планира да се одржи од 30 ноември до 3 декември 2021 година, за што сите земји членки на СТО треба во овој период, односно до одржување на конференцијата активно да работат на подготовка на соодветни спогодби односно програми по иницијативите.

Овие иницијативи се наменети за поддршка на малите и средни претпријатија, кои треба да придонесат за подобро учеството во глобалната трговија.

Денес, 95% од компаниите низ целиот свет се мали и средни претпријатија, сочинувајќи 60% од вкупното вработување во светот, информира надлежното министерство.