Подготовките за објава на тендер за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ со јавно приватно партнерство се во финална фаза, кажа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на презентацијата на новата прелиминарна студија изработена од Меѓународната финансиска корпорација.
– Владата е посветена на реализација на енергетските реформи, кои подразбираат и постепена транзиција од конвенционалното производство на електрична енергија од фосилни горива, кон сѐ повисоко ниво на производство на енергија од обновливи извори. ХЕЦ „Чебрен“ ќе овозможи дополнителна стабилност и сигурност на електроенергетскиот систем во Македонија – рече Анѓушев
Тој додаде дека, по многубројните неуспешни тендери, со новиот сеопфатен пристап и студиите направени за ХЕЦ „Чебрен“, како и со вклучување на сите релевантни страни, е убеден во успешна реализација на јавниот тендер и во конечна реализација на проектот.
– Со изградбата на овој енергетски капацитет, како и со реализација на проектите за изградба на фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност од околу 200 мегавати, што е десеткратно поголемо производство од досегашното удвојување на производството на електрична енергија од ветерни електроцентрали, производството на електрична енергија од обновливи извори значително ќе се зголеми – истакна Анѓушев.
Изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ е стратегиски проект од голема важност за енергетската стабилност на земјата, но и во регионот на Југоисточна Европа. Во согласност со предвидениот план, се очекува до крајот на 2019 година да се објави меѓународен јавен повик за изградба на ХЕЦ „Чебрен“. Како што информираат надлежните, постои голем интерес од меѓународните компании за инвестирање во овој проект.