Вкупно 6 милиони евра, се ставаат на располагање преку првиот јавен повик за кофинансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и за забрзан економски раст, соопштија на денешната прес конференција заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека изминатите неколку години, Фондот за иновации и технолошки развој, стана вистински поддржувач за сите микро, мали, средни, старт-ап и спин оф компании во земјата. Во моментот во реализација се проекти на над 550 компании со инвестиции во вкупна вредност од 77 милиони евра. За 2021 година, ФИТР предвидува 11 повици, за повеќе финансиски инструменти, во вкупна вредност од 17 милиони евра.
– Продолжуваме со поддршка на домашните микро, мали и средни компании. Овој јавен повик следи по јавниот повик на ФИТР за поддршка на компаниите за брзо прилагодување од ковид-19, што беше дел од третиот пакет на антикризни мерки. Она што сакам да го потенцирам е дека трговските друштва и приватните здравствени установи, кои се потенцијални корисници и припаѓаат на микро и малите компании, треба да обезбедат 30 отсто од средствата, а доколку се во средни фирми потребно е да обезбедат 40 отсот од средствата за реализација на проектите. Останатото ќе се обезбеди преку Фондот, што сметам дека е навистина голема поддршка – истакна Битиќи.
Вицепремиерот нагласи дека во фокусот на Владата во 2021 година е креирање на новата развојна економија, а овој јавен повик е само дел од целокупните економски активности.
– Во претходната 2020 година, реализиравме рекордни 65 милиони евра, директна финансиска поддршка за 850 компании. Во Буџетот за оваа година имаме проектирано 70 милијарди денари или 1,1 милијарди евра за економски програми, кои подразбираат и директна поддршка на инвестициски проекти на компании, поддршка на технолошкиот развој, дигитализација, иновации, проширување на производствените процеси, повисока продуктивност, обука на вработените, претприемништво, но и индиректна поддршка за бизнисот во унапредување на регулативата, намалување на давачки, како и средства за реализација на капитални инвестиции во инфраструктурни проекти – подвлече вицепремиерот Битиќи.
Директорот на ФИТР, Коста Петров, истакна дека од предвидениот вкупен буџет за овој повик, микро компаниите може да аплицираат за поддршка до 2,5 милиони денари, а малите до 5 милиони денари, односно до 70 отсто од вкупната вредност на буџетот за инвестицискиот проекти. Средните компании пак, може да добијат поддршка до 10 милиони денари или до 60 отсто од вредноста на проектот. Како подобни трошоци ќе се сметаат бруто платите за вработените лица, трошоци за техничка поддршка, истражување, развој, дигитализација, набавка и изнајмување на опрема, софтвер, ИКТ алатки или суровини, но и за трошоци поврзани со спроведување на планот за технолошки развој на компанијата.
– Целта на овој јавен повик е да се поддржат домашните компании, за да создадат услови за надминување на последиците на кризата, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари, но и да ја зајакнат и отпорноста на пандемиски и климатски кризи, преку воведување на нови, иновативни, напредни, дигитални и „зелени“ технологии, за нивна трансформација. Драго ми е што сите пристигнати апликации ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции, кој е сочинет од пет светски познати експерти. При евалуацијата на проектите приоритетно ќе се разгледува нивното влијание врз економскиот развој (45поени), по што следува технолошкиот напредок и дигитализацијата (35 поени), а квалитетот на проектот и капацитетот на проектниот тим ќе бидат оценувани со по 10 поени од вкупната оценка – потенцираше Петров.
Претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции, Марвин Лиао, кој е поранешен комерцијален директор во „Јаху“, во своето вклучување на прес-конференцијата го истакна своето задоволство да биде дел од овој Комитет.
– Свесен сум за растечкиот потенцијал на македонскиот приватен сектор и заедно со другите членови на Комитетот, со нетрпение очекувам да дознаам повеќе за македонскиот екосистем и да помогнам Северна Македонија да се позиционира како регионален хаб за иновации. Од мое лично искуство, и од едниот и од другиот корпоративен сектор како комерцијален директор на Yахоо! и стартап секторот, знам дека овој вид јавни повици се клучни во развојот на иновативната економија, особено во ерата на ковид-19 кога бизнисите треба да се прилагодат побрзо од кога било – посочи претседателот на Комитетот за одобрување инвестиции Лиао.
Јавниот повик за кофинансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и за забрзан економски раст ќе се спроведе исклучиво со електронско аплицирање, што е големо олеснување за компаниите, а компаниите ќе може да се пријават со своите бизнис планови до 6 април, 2021 година.