Инвеститорите во малопродажбата што им нанесоа удар на хеџ-фондовите кои се обложуваа против цените на акциите, вклучувајќи ги оние на компанијата за видеоигри „Гејмстоп“, минатиот месец исто така им донесоа и целогодишен профит за само неколку дена на неколкумина менаџери на фондовите, пишува „Фајненшл тајмс“.
Инвеститорите кои ги координираа нивните акции на социјалната мрежа Редит, ја зголемија цената на „Гејмстоп“ до 2.400 отсто минатиот месец, што доведе до големи загуби на фондовите кои се обложија против нив.
Ваквиот налет му помогна и на хеџ-фондот „Јунион Сквер Парк Капитал Менаџемент“ да забележи добивка од 12,9 проценти минатиот месец, со што стана еден од најуспешните хеџ-фондови.
– Никогаш не очекувавме ова да се случи, беше лудо. Имавме среќа со она што се случуваше на Редит – вели Лион Залцман, поранешен менаџер-партнер во њујоршкиот фонд.
Ваквата ситуација ја предизвикаа осумте милиони следбеници на „Волстритбетс“, инвестицискиот форум на социјалната мрежа Редит, кои осмислија нов вид на финансиски авантуризам наречен „тргување со акции во рој“. Заедно, тие ги покачуваа цените на непознати фирми кон крајот на јануари. А тоа доведе до недостиг на пари кај онлајн-брокерите кои мораат да го покријат залогот, ако ризикот се зголеми.
Големите берзански играчи имаат пракса да се „обложуваат“ дека акциите на одредена компанија ќе паднат, а тие профитираат купувајќи краткорочни акции. Група корисници на Редит неодамна забележале дека еден хеџ-фонд на големо се обложил во пад на акциите на компанијата за видеоигри „Гејмстоп“, па одлучиле да го сторат спротивното. Тие ги убедувале другите корисници на Редит дека треба да се здружат и да купуваат колку е можно повеќе акции на „Гејмстоп“. Тоа довело до раст на цената на акциите на компанијата, а хеџ-фондот почнал да губи милијарди долари. Хеџ-фондот во меѓувреме банкротирал, а милионите мали инвеститори на социјалните мрежи сега бараат други хеџ-фондови на кои би им се спротивставиле, истовремено остварувајќи профит.
Одредени фондови имаа придобивки од порастот на цените на акциите. Хеџ-фондовите во 2020 година го забележаа најдобриот учинок, уште откако помина финансиската криза во 2008 година. Многумина од нив вешто маневрираа во големиот пад на ризични акции во ударот на пандемијата, по што уследи скок поттикнат од владините финансиски мерки. Зголемувањето на цените на акциите од страна на приватните инвеститори годинава се покажува како нов предизвик за овој сектор, кој стана цел на инвеститорите од Редит. Но дел од хеџ-фондовите успеаја да ја искористат ситуацијата во своја полза.