Ако сака Македонија да има повисок економски раст и развој, потребно е планираните капитални инвестиции да се реализираат стопроцентно, а во 2018 година Владата успеа да потроши само 65,6 отсто од парите
Ниското ниво на реализираните капитални инвестиции е главната причина за слабите перформанси на македонската економија, кои водат и до други опасности. Ваквата тенденција е присутна во последната деценија. Ако сака Македонија да има повисок економски раст и развој, потребно е планираните капитални инвестиции да се реализираат стопроцентно, а во 2018 година Владата успеа да потроши само 65,6 отсто од парите.
Имено, конечните податоци покажуваат дека од ланскиот буџет за проекти од инфраструктурата, како патишта, железница, водоводи, канализации, брани, системи за наводнување и училишта биле потрошени 197 милиони евра, што е најниска сума во последните десет години, односно дека 2018-та е најлошата година за капиталните инвестиции.
Првичните планови на Владата беа дека ќе потроши 395 милиони евра, но токму фактот што не можеше да се реализира ниту една третина од проектите беше причина Владата да го вклучи алармот и да направи ребаланс, со што износот го скрати на 300 милиони евра.
Економистите посочуваат дека мора да се реализираат најавените капитални инвестиции, бидејќи ако тие повторно изостанат, не може да се очекува голем економски пораст. Од друга страна, како што додаваат, мора да се работи и на други мерки што ќе бидат насочени кон подобрување на условите за развој на економијата.
Трајко Славевски, професор на Економскиот факултет, истакна дека не е битно само што се најавува туку многу е поважна реализацијата.
– Не е најважен износот на кој се проектирани капиталните инвестиции, туку е битна и нивната реализација. Ова се потврди и во годината што измина, при што слабата реализација на капиталните инвестиции се покажа како ограничувачки фактор за економскиот пораст. Во 2019 година останува да се види дали Владата ќе успее да го подобри капацитетот за реализација и менаџментот со капитални проекти кај буџетските корисници, кој е далеку под потребното ниво – посочи Славевски.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека е потребна капитална инфраструктура, а сѐ друго треба да се остави за време кога ќе има поинтензивна економска динамика, што засега, со овој годишен економски пораст, не може да се направи.
– Подобро зголемен дефицит од оправдани и продуктивни јавни расходи, кои не само што ќе поттикнат пораст туку ќе поттикнат и пораст на потенцијалот, отколку државата да има намален дефицит на штета на капиталните и продуктивните инвестиции – појаснува Беџети.
Секоја година капиталните инвестиции не се реализираат во целост, тоа значи дека треба да се направи приоритизација, да се утврди што е приоритет, истакна неодамна Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Според неа, би било поефикасно Владата да се фокусира на покрупните капитални инвестиции.
– На тој начин ќе се избегне буџетирањето на преоптимистички инвестиции, а неопходно е и да се зајакнат капацитетите на реализација – смета Петрески.
Таа нагласува дека е многу значајно среднорочно планирање наместо краткорочно или долгорочно.
Стопанската комора на Македонија, заедно со професорот Дарко Лазов од Економскиот факултет во Штип, изработила анализа на изворите на растот на економијата, при што било утврдено дека дури 87 отсто од стапката на раст на македонската економија од 2001 до 2017 година се базирани на квантитативниот пораст на факторите на производството, односно на трудот и капиталот, од кои 45 отсто од растот се резултат на зголемување на стапката на вработеност, додека, пак, 42 отсто од растот се резултат на зголемување на капиталните фондови или инвестиции во основни средства.
Од друга страна, како што се наведува во истражувањето, само 13 проценти од растот се резултат на вкупната факторска продуктивност како индикатор што ги мери квалитативните промени на факторите на производство, односно продуктивноста на трудот – човечкиот капитал и продуктивноста на капиталот – технолошкиот прогрес.
– Причините зошто зголемувањето на капиталните фондови и новите вработувања не придонесуваат за зголемување на продуктивноста на капиталот и на трудот треба да се бараат во неповолната структура на инвестициите и ниското ниво на квалификации на нововработените. Од вкупните инвестиции во периодот од 2001 до 2017 година, само 25 отсто се инвестиции во машини и опрема, незначителни вложувања во истражување и развој, а дури 61,5 отсто во градежни работи, односно во станбена изградба и друго. Таквата структура на инвестиции не може да го поттикне технолошкиот прогрес како базичен извор за долгорочен економски раст – вели Лазов.