Претставниците на извозните компании со кои контактираше „Нова Македонија“ велат дека одлуката да им се излезе во пресрет на барањата за укинување на царинските давачки е добредојдена, но додаваат дека сѐ уште не е познато од кога ќе се спроведува, поради што не знаат кога ќе ги почувствуваат бенефициите во своето работење
Долгоочекуваниот нов сет на мерки за поддршка на економијата влеа доза надеж кај компаниите, дека со помош на Владата ќе успеат да ја пребродат оваа економска криза наметната од ширењето на ковид-19, иако неочекуваното одолжување на пандемијата и понатаму ги влошува условите за рестарт и за враќање на активностите на компаниите, а со тоа и нивните шанси за зачувување на работните места. Меѓу новите мерки што сега ги најави Владата првпат се прифатени и барањата на извозните компании за укинување на одредени увозни давачки, со кои очекуваат на долг рок да ја подобрат својата конкурентност.
Кои од мерките се применливи
Сепак, некои од извозните компании посочуваат дека мал дел од мерките е применлив и за нив и објаснуваат дека новите мерки се насочени кон одредени специфични сектори, поради што се оставени сами да се справуваат со тешкотиите наметнати од пандемијата.
– Единствена мерка што не е условена од други предуслови и може да биде корисна за „Макстил“ е намалувањето на увозните давачки на природниот гас, за која сметаме дека реално и номинално треба да ја намали малопродажната цена на овој енергент. Другите предложени мерки се насочени кон специфични сектори на домашната економија и пред сѐ кон микро, мали и средни претпријатија. Големите нето-извозници и компании, кои мака мачат да го одржат живо производството и кои најмногу придонесуваат во државниот буџет, повторно се на крајот на листата на компании што можат да очекуваат реална поддршка во овие тешки времиња за сите – велат претставниците на „Макстил“.
Претставниците на други извозни компании со кои контактираше „Нова Македонија“ велат дека сѐ уште не ги разгледале деталите за новите мерки на Владата. Оттаму посочуваат дека одлуката да им се излезе во пресрет на барањата за укинување на царинските давачки е добредојдена, но додаваат дека сѐ уште не е познато од кога ќе се спроведува, поради што не знаат кога ќе ги почувствуваат бенефициите во своето работење.
Добра вест е што се предвидени и системски реформи
Претставниците на Стопанската комора на Македонија посочуваат дека добра вест во новите мерки е што дел од нив не се однесува само на краткорочни цели или за санирање на последиците од кризата, туку се предвидени и системски реформи што се однесуваат на целото стопанство.
– Најавеното намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали (измена на царинската тарифа) е едно од приоритетните прашања за кои Комората има поднесено барање да се пристапи кон ревидирање на царинските стапки. За извозно ориентираните компании, кои реално и сега и во иднина ќе ја држат економијата на нозе, оваа мерка е силна поддршка, која значително ќе влијае на зајакнување на конкурентноста на домашните производи, и можност за нивно поголемо присуство на странските пазари. Имено, ако производството на нашите компании што се извозно ориентирани е силно условено од увоз на суровини, репроматеријали и опрема што не се произведуваат кај нас, а истите тие често се увезуваат од некои азиски држави или други земји што не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина, а од друга страна царинските стапки кај нас се поголеми од оние што се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ, нашата земја станува неконкурентна како локација за инвестиции и дополнително ги прави неконкурентни македонските производи, во споредба со земјите-членки на ЕУ – пишува Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршна директорка на Стопанската комора на Македонија.
Конечно укинување и намалување на парафискалните давачки
Од Комората посочуваат дека исто така важен приоритет е и предвиденото намалување или укинување на дел од парафискалните давачки како предвидена мерка, што е повеќегодишно барање на СКМ.
– Бидејќи спроведувањето на оваа мерка дополнително ќе се разработува, Комората целосно ќе се вклучи во овој процес, тргнувајќи од податокот дека за оваа тема има изработено целосна анализа. Првиот чекор е да се пристапи кон промена на законската и подзаконската регулатива што е поврзана со неданочните и парафискалните давачки. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки што ги носи Владата. Со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената практика каде што различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и основните елементи на одредени давачки. Преку воспоставување регистар на неданочни давачки ќе се направи и соодветна финансиска анализа и ќе се донесат соодветни решенија за оправданоста и целисходноста од постоење и воведување одредени надоместоци и давачки, односно нивно укинување, бидејќи одредени давачки и сега покажуваат дека не поседуваат фискален капацитет, т.е. не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок, како за државната администрација, која го утврдува и наплатува, така и за обврзниците, кои ги плаќаат – објаснува Пеева-Ѓуриќ.
Од СКМ исто така се осврнуваат и на другите мерки и посочуваат дека од планираните триесетина мерки, како позначајни за стопанството, покрај поддршката за исплата на плати за последниот квартал од годината, викенд без ДДВ и мерките за помош на туристичко-угостителскиот сектор, се враќање на туристичката такса за 2019 година, грантови за туристичките агенции и за рестораните што организираат свадби, намалување на ДДВ за ресторански услуги и служење храна, плати за туристички водичи. Дополнуваат дека очекуваат поддршката на стопанството да се почувствува и со мерките за намалување на увозните давачки за природен гас (во рамките на мерката за намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали), потоа преку новите 100 милиони евра поволни кредити што ќе им бидат на располагање на компаниите преку Развојната банка, како и преку државна гаранција за кредити за поддршка на компаниите – преку комерцијални банки (65 милиони евра / 10 милиони државна гаранција), преку гарантна шема – гаранција за обезбедување царински долг (25 милиони евра – 3 милиони државна гаранција), но и преку одложување на плаќањето на аконтациите на данок на добивка до март 2021 година или одложено плаќање на ДДВ за седум дена по поднесување на ДДВ-пријавата.
Наедно од Комората додаваат дека се признаваат расходите за тестирање како признаен расход за целите на данокот на добивка.
– Стопанската комора на Македонија ги има иницирано овие значајни реформи во насока на зголемување на ликвидноста и конкурентноста на компаниите, што е сериозен чекор напред за реално решавање на проблемите и потребата од сериозна поддршка за стопанството – додаваат од Комората.