Иако потенцијалот за развој на верскиот туризам во земјава е огромен, туристичките работници велат дека и пред пандемијата, интересот на домашните туристи повеќе бил насочен кон странските дестинации, а од странците најмногу доаѓале Јапонци и Корејци
Верскиот туризам, кој во изминативе години почна да зема замав и во Македонија, со пандемијата, повторно е сведен на поединечни посети, а како посредници, наместо туристичките агенции, најчесто се јавуваат разни граѓански здруженија. Иако потенцијалот на овој вид туризам во земјава е огромен, туристичките работници велат дека и пред пандемијата, интересот на домашните туристи повеќе бил насочен кон странските дестинации, а од странците најмногу доаѓале Јапонци и Корејци.
– Главно манастирскиот туризам во земјава оди преку разни здруженија на граѓани посветени на христијанството, кои од туристичките агенции бараат организиран превоз. Сме организирале тури и сме соработувале со доста такви здруженија. Имаме исто така искуство со странци за кои сме организирале тури. Кај нас најпосетен е манастирот „Свети Јован Бигорски“, потоа се „Вељуса“ и „Водоча“ во Струмица, па манастирите во Охрид, на Јоаким Осоговски, над Крива Паланка и сите манастири до кои има пристапен пат. Најголем дел верски објекти поради пандемијата се посетуваа индивидуално. Кога се во прашање странските туристи, би ги издвоил јапонските и корејските тури, кои покажуваа интерес за посета на „Свети Јован Бигорски“, потоа на Свети Наум, манастирската црква „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Скопје, Пантелејмон и верските храмови на Скопска Црна Гора. Кај нас, кога е во прашање манастирскиот туризам, главно се заинтересирани повозрасните, иако има и млади што се интересираат за посета на верските храмови. Ноќевањата во манастирите главно се сведуваат на паричен прилог за помош на манастирот, а во другите земји се сведува на сума од 5 до 7 евра – вели Мирче Пешевски, вработен во една од поголемите туристички агенции кај нас.
Инаку, од агенциите велат дека пред пандемијава најмногу организирале тури за посета на верски објекти во други земји, како посета на манастирот „Острог“ во Црна Гора, манастирот на српската патријаршија на Косово, посета на манастири во Грција и во Турција од византискиот период, тури дури и до манастирот на островот Пакнос во Грција, потоа Метеори, „Свети Павле“ во близина на Кавала, манастирот „Света Петка“ во Романија и други.
Што се однесува до дестинациите во земјава, од МПЦ објаснуваат дека сепак треба да се има предвид разликата помеѓу туристичките и поклоничките патувања.
– Според неофицијалната статистика, во Македонија има над 2.000 манастири и храмови. Едно е туристичка посета, која се должи на историската или културната вредност на местото што се посетува. А друго е поклоничко патување, поклоништво, кое како примарна цел го има духовниот момент – поклонение на светињата, учество во богослужбениот молитвен циклус, почитување на редот/типикот на манастирот итн. Во согласност со тоа и во тој контекст се и понудите. Живите манастири, коишто се населени со монаштво, дозволуваат поклонички патувања. Обично овие тури, кои се организирани или од туристички агенции или од индивидуалци, треба да се со благослов на црквата, односно надлежните архијереи. Притоа треба да се почитуваат правилата и за патување и за посета во ваков вид туризам. Во спротивност се појавуваат несакани ефекти, како што се комерцијализам, суеверие, бајачки активности итн. Пожелно е ваквите тури да ги води свештено лице. Секако, многу од нашите манастири се еднакво посетени. Со жал морам да констатирам дека едно е да ја посетуваме светињата Острог од духовни причини, друго е она што се прави од комерцијални цели и само комерцијални цели.
Острог стана „интересна“ дестинација, но не секој ја посетува како тоа што е – манастир. Секако дека монасите не можат да го одбијат секој што доаѓа и го нудат тоа што манастирот единствено може да го даде – духовно пристаниште. Затоа сите се повикани да учествуваат во литургијата, да се поклонат на моштите на светителот, да се исповедаат итн. Во овој контекст, треба да се приспособиме кон духовните места со духовни потреби, почитувајќи ги правилата – вели презвитер Бобан Митевски од МПЦ.
Покрај црквите, во Македонија има и над 30 џамии што се заштитени со закон како културно наследство и се распростанети низ целата територија на земјава.
– Верскиот туризам сѐ повеќе зема замав во последните години, и како таков треба да се субвенционира и од страна на државата, во соработка со верските заедници, за да се направи заедничка стратегија за развој на ваков туризам. Македонија, иако е мала, има доста капацитет и богата верска традиција и толеранција, затоа инвестирањето во ваков туризам може да донесе благосостојба во многу сфери во општествениот живот. Секоја џамија е посебна во однос на историјата што ја има, сите се поединечно посетувани од страна на туристите, но најпосетувани се џамиите што се во поголемите градови, како „Шарена џамија“ во Тетово, Исабеговата џамија, Мустафапашината џамија, Араста џамија… – информира Мусаниф Руфати, директор на секторот за култура од Исламската верска заедница во Македонија.