Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моментов, според осигурителните компании, најголем интерес кај граѓаните има за осигурување од ковид-19. Но дали и како се издаваат вакви полиси?

ДОДЕКА РАСТЕ ИНТЕРЕСОТ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

Пандемијата покажа дека здравјето е поважно од сѐ, по што сѐ повеќе македонски граѓани, следејќи ги светските искуства, се интересираат за склучување договори со некоја од осигурителните компании, од каде што, пак, сметаат дека информираноста на општата популација за дополнителното здравствено осигурување сѐ уште е на многу ниско ниво.
Најчесто дури откога некој ненадејно ќе добие лоша дијагноза за која е потребна операција или подолго лекување, почнуваат калкулациите. Но сите осигурителни компании не го вклучуваат и лекувањето од ковид-19 во своите пакети, за што, како што и самите потврдуваат, постои и најголем интерес.
– Здравственото осигурување е добро за оние што немаат многу пари за да можат да си ги покријат сите трошоци кога би се нашле во некоја тешка здравствена ситуација, но секако и за оние што имаат пари за тогаш да имаат помалку трошоци. За жал, младите не се многу заинтересирани за ваков вид осигурување и би се рекло дека најголем интерес имаат лицата на возраст помеѓу 30 и 60 години. Додека во Европа е најнормално некој да има здравствено осигурување, кај нас населението е неинформирано.

Австрија како земја има повеќе животни полиси отколку жители, Швајцарија исто така, додека кај нас граѓаните немаат ниту домаќинска полиса, која чини од три до четири илјади денари, а потоа кога некому ќе му изгори куќата се бараат донации од општината наместо да добие надомест преку осигурителната компанија. Дури и компаниите своите вработени не ги осигуруваат од несреќи за по сто денари месечно, како пример што кажува колкава е неинформираноста или незаинтересираноста за мала сума да се обезбеди надомест на штета – велат од една позната осигурителна компанија.
Во една друга осигурителна компанија ги објаснуваат своите услови.
– Премијата од здравственото годишно осигурување зависи од староста на лицето. Во нашиве услови најпогоден е семејниот пакет од 500 евра за едно четиричлено семејство во кое родителите не треба да се постари од 40 години, а двете малолетни деца да се на возраст до 14 години. Со овој пакет секое лице би добило покритие од по десет илјади евра за специјалистички прегледи и по десет илјади евра за операција – информираат оттаму.

И оваа осигурителна компанија не го покрива лекувањето од ковид-19. Ако на овој пакет се доплатат уште 50 евра, тогаш ќе бидат вклучени и малигните заболувања. Но, како што истакнуваат во компанијата, не се осигурува лице што веќе има некоја постојна болест. Освен тоа, правило е ако некој склучи здравствено осигурување во април, полисата да почнува да му важи од јуни. односно не се активира веднаш.
Од компанијата им препорачуваат на граѓаните, кои сакаат да се лекуваат, задолжително да земат дополнително осигурување, кое ќе им гарантира повисок стандард на здравствени услуги, достапност на повеќе специјалистички прегледи, дијагностички анализи, хируршки зафати, рехабилитации и лекови, кои не се покриени со задолжителната здравствена заштита, како и лекување во приватни здравствени установи.