Фото: Игор Бансколиев

Домашните експерти укажуваат дека Македонија како земја увозник на енергенти ќе го почувствува поскапувањето на светските берзи и додаваат дека во следниов период државата и институциите треба да им посветат поголемо внимание на состојбите, за евентуално да излезат во пресрет со мерки за поддршка на домаќинствата и на стопанството

Постојаниот раст на цените на енергентите на светско ниво предизвикува загриженост кај економистите, кои укажуваат дека растот на економиите би можел да биде попречен од вртоглавото поскапување во овој постпандемиски период. Познатиот магазин „Економист“, во својата анализа за растот на трошоците за енергија, укажува дека тие може да го нарушат закрепнувањето на економиите по ковид-19. Домашните експерти потенцираат дека енергентите и во нашата економија може да ги влошат состојбите, особено ако се земе предвид дека сме увозници.
– Цените на јагленот и гасот ги допреа највисоките нивоа. Цената на гасот на азиските берзи скокна за речиси 1.000 отсто. Цената на нафтата расте поради недостиг од други горива, што ја зголеми побарувачката за сурова нафта. Силното закрепнување на побарувачката доведе до затегнатост на понудата. Намаленото производство на енергија од хидроцентралите, предизвикано од суши, го влоши недостигот од енергија. Зголемените цени на горивото се пострашни од проблемите во синџирот на снабдување. Минатите енергетски шокови се поврзани не само со инфлација туку и со длабоки рецесии, како во 1970-тите – пишува „Економист“.
Во анализата на овој магазин се посочува дека инфлаторните последици од скапата енергија се веќе очигледни. Тие укажуваат дека во еврозоната вкупната годишна инфлација достигнала 3,4 отсто во септември поради скокот на трошоците за енергија од 17,4 проценти. Што се однесува до САД, „Економист“ посочи дека кај нив инфлацијата достигна 5,4 отсто, поттикната од растот на трошоците за енергија од 24,8 проценти.

 

Домашните експерти укажуваат дека Македонија како земја увозник на енергенти ќе го почувствува ова поскапување и додаваат дека во следниов период државата и институциите треба да им посветат поголемо внимание на состојбите, за евентуално да излезат во пресрет со мерки за поддршка на домаќинствата и на стопанството.
– Доколку нема мерки што би помогнале за контролирање на растот на цените на енергентите, не може да не дојде до пораст на цените на производите. Секако дека растот на цената на енергијата ќе влијае и врз компаниите, во најлошо сценарио може да доведе и до отпуштање работници, па дури и до целосно затворање фирми. Дали би можело да се исконтролира растот на цените на енергентите, одговорот е веројатно не. Но би можело да се стави акцент на други мерки, кои ќе го помогнат стопанството или кои ќе го заштитат населението од нагли шокови. Но доколку продолжи растот на цените на енергентите, ќе мора да се размислува и за одредено нарушување на слободата на пазарот, иако ова е свето правило, сепак, ќе биде неизбежно да се постави горна граница, над која нема да смее да растат цените на енергентите. Исто така ќе треба на одреден период државата целосно да се откаже од ДДВ за енергентите – посочува професорот Здравко Савески.
Тој дополнува дека сегашните состојби со енергентите во светот не создаваат надеж дека можеме да ја избегнеме кризата. Напротив, тој смета дека на повидок е нов економски удар и посочува дека тој може да биде и посериозен отколку пандемијата.
– Денес цената не горивата се движи околу 75 денари за литар, земено генерално, а сме имале цени од 90 денари за литар во 2012 година, што укажува дека сме преживеале и поголеми ценовни шокови.

Сепак, ваквите ценовни промени потврдуваат дека мора да се работи на долгорочни планови што ќе го променат односот на државата и општеството кон енергентите. Ако властите не работат на промена на начинот на прифаќање и трошење на струјата или другите енергенти како кај државните институции, така и во целото општество, состојбите ќе се повторуваат. Можеби пред краток период на луѓето не им изгледаше прифатливо да имаме рестрикции, но вртоглавиот раст на цените може да доведе и до тоа, бидејќи ќе немаме од каде да плаќаме за увозот на енергија, државата е веќе презадолжена. Ако се земаат дополнителни заеми, повторно товарот ќе падне на грбот на граѓаните – потенцира Савески.
Магазинот „Економист“ посочува дека учеството на енергијата во инфлацијата во земјите може да се намали штом цените на енергентите почнат да одржуваат исто ниво.
– Во кратки временски периоди, домаќинствата и фирмите не можат лесно да ја намалат потрошувачката на енергија како одговор на зголемените трошоци, оставајќи им помалку да трошат за други стоки и услуги. Порастот на цената на енергијата од 10 проценти е поврзан со пад од 4,7 отсто на трошоците за трајни производи, како на пример пад на набавките на автомобили. Истражувањата покажале дека потрошувачката опаѓа повеќе како одговор на зголемените трошоци за гориво – пишува „Економист“.
Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ потенцираат дека иако економиите веќе се во фаза на заздравување, сепак, следниов период ќе биде потребно институциите да бидат внимателни и да можат да носат правилни одлуки што ќе ги поттикнуваат инвестициите.
– Овој период се чувствуваат ударите од повеќе инфлаторни движења, за кои мора да имаме на ум дека се потиснати од три фактори. Првиот фактор се синџирите на доставувања, кои поради ковид-кризата беа нарушени, а тие многу бавно закрепнуваат и како резултат на тоа имаме помала понуда отколку побарувачка. Овој шок е од привремен карактер и ќе биде надминат како што ќе заздравува економијата и синџирите ќе бидат реобновени. Вториот шок е од зголемената побарувачка и поскапувањето на некои неесенцијални производи, а тој ќе се надмине во согласност со очекувањата во првата половина од следната година.

Третиот фактор што влијае врз ценовните шокови се цените на енергентите, и ние како мала и зависна земја што увезува и енергенти сме изложени на овој шок. Така што, еден од факторите што треба да биде следен во иднина е цената на енергентите и да преземаме мерки што можеме да си ги дозволиме, бидејќи тој простор ни е генерално ограничен за дејствување – посочува Благица Петрески, главна економистка во „Фајненс тинк“.
Од „Економист“ посочуваат дека колку подолго цените на енергентите се високи, толку повеќе се развиваат нивните ефекти, па домаќинствата и фирмите ќе ја намалат својата изложеност на енергија.
– Владите би можеле да ги заштитат компаниите од повисоки цени на енергијата, што би било политички популарно, но би ја одложило транзиција кон зелена енергија. Или би можеле да поттикнат повеќе инвестиции во капацитети од обновливи извори и на тој начин да го ограничат понатамошниот ефект на скапите енергенти. Ваквата храбра акција може да ѝ стави крај на заканата од скапиот јаглен, гас и нафта еднаш засекогаш – укажува „Економист“.