Министрите од Франција, Германија, Австрија и од Швајцарија претставија план за зголемување на железничкиот сообраќај меѓу градовите Париз, Берлин, Виена и Милано, за да се намали нивото на емисии на јаглерод
ДОДЕКА ЕВРОПА ГИ ВРАЌА ВО ЖИВОТ ВОЗОВИТЕ
Европските влади најавија дека е постигнат договор за проширување на услугите на железничкиот превоз со нови ноќни линии на возови со кои ќе ги поврзат поголемите градови на континентот. Со ова се очекува да им се создадат нови „главоболки“ на авиокомпаниите, кои и сега се борат и се обидуваат да закрепнат од најголемиот пад на авионскиот сообраќај.
Министрите од Франција, Германија, Австрија и од Швајцарија претставија план за зголемување на железничкиот сообраќај меѓу градовите Париз, Берлин, Виена и Милано, за да се намали нивото на емисии на јаглерод. Најновата иницијатива за трансконтинентални линии во Европа ќе биде ставена во функција на крајот на 2021 година и ќе им овозможи на патниците да патуваат низ повеќе земји без да ги променат возните линии, што претставува директен предизвик за авиосообраќајот, како што пренесува „Блумберг њуз“.
Македонија со меѓународна линија е поврзана само со железничката линија од Белград до Солун, која е активна во текот на летните месеци, но таа летово не беше во функција.
Претставниците на „Железници на Република Северна Македонија – транспорт АД“ посочуваат дека оваа линија можеби нема да биде активна ниту во наредните две години.
– Железничката инфраструктура во Србија се реконструира на потегот од Ниш кон границата со нашата држава, што ќе трае најмалку 24 месеци. Во овој период возот нема да сообраќа – велат од „ЖРСМ-транспорт“.
Познавачите на состојбите во железницата во повеќе наврати укажуваа дека предноста на железничкиот превоз е што не загадува како другите видови транспорт. Експертите укажуваат дека превозот со железница во Македонија би можел да заживее преку нејзиното користење за превоз на патници за кратки дестинации, како од Скопје до Велес, до Тетово и до Куманово, или пак со воведување посебна линија до аеродромот во Скопје.
Ноќните железнички линии во Европа ќе заживеат 25 години од распадот на првичните трансевропски експресни линии, кои поврзуваа 130 града на континентот.
– Бумот со летови на кратки релации ја уништи привлечноста на железничкиот превоз, но кампањите на активисти за заштита на животната средина, како што е Грета Тунберг, ги прават луѓето посвесни за нивниот јаглероден отпечаток. Постои зголемена побарувачка, особено од младите, за други начини на транспорт, освен со авионите – рече Марк Папинути, службеник во француското министерство за животна средина.
Проширувањето на услугите со ноќни линии доаѓа во непријатно време за авиокомпаниите во Европа, бидејќи се борат да се справат со последиците од коронавирусот, кој изврши најсилен удар на авионските патувања. Сепак, влијанието на железничкиот превоз може да биде ограничено поради разликата во времето на патување. Директното патување од Амстердам до Рим би траело повеќе од 13 часа, додека со авион се потребни нешто повеќе од 2 часа летање.
Упатените посочуваат дека временската разлика би можела да биде причина да нема голем интерес кај деловните патници, но може да им се допадне на туристи што се свесни за климата. Последиците од пандемијата на ковид-19 ги поттикнаа земјите да ги возобновуваат железничките линии, но тоа не значи дека државите што се заинтересирани за овие проекти ќе се откажат од рестартот на своите национални авиокомпании. Германија, која го координира лансирањето на ноќните линии, е најголемиот инвеститор во националниот авиопревозник, со спасувачката програма од 10 милијарди долари.
– Европскиот железнички сообраќај ќе ги менува состојбите во насока на подобрување на климата и за економски успешна иднина. Ноќните возови ќе доживеат ренесанса – рече Мајкл Петер, главен извршен директор на Одделот за мобилност на „Сименс АГ“, еден од најголемите производители на возови во Европа.