Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со делегација на Иницијативниот одбор на поранешни вработени во АД Охис Скопје во стечај.
На средбата, како што информираат од владината прес-служба, претставниците на Иницијативниот одбор изразиле благодарност за можноста да се сретнат со премиерот и очекување, дека во рамките на законските надлежности на Владата ќе бидат решавани некои нивни барања поврзани со стечајната постапка.
-Нивните очекувања главно се однесуваат за исплата на побарувања од стечајната постапка за 24 неисплатени плати и за затворање на придонесите од плата за периодот од јуни 2012 година до октомври 2013 година, како и во списокот за обесштетувања од стечајната маса на АД Охис да бидат вклучени и вработените од фабриката „Малон“ АД Охис – се вели во владиното соопштение.
Премиерот Заев, на средбата истакнал дека иако стечајната постапка на АД Охис Скопје е завршена и спроведена од судските органи во процес во којшто Владата нема ингеренции, тој ќе го задолжи министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, да ја продолжи понатамошната комуникација со поранешните вработени во Охис, да оствари средби со надлежни институции, како и со стечајниот управник Маринко Саздовски, за да се најде одржлив одговор на барањата на Иницијативниот одбор на поранешни вработени во АД Охис Скопје во стечај.