Премиерот Зоран Заев се сретна со Сејед Мохамед Џавид Расули, амбасадор на Исламската Република Иран во нашата држава.
– На состанокот се поздравени политиките на одлучност и пријателства на премиерот Заев, во кого, како што е пренесено, се гледа како на човек и политичар кој од срце работи за доброто на својот народ и својата држава. На средбата е пренесена голема заинтересираност од Иран за развој на економската соработка помеѓу двете држави – соопшти владината прес-служба.
Амбасадорот Расули, задолжен за Северна Македонија од Софија, соопштил дека за време на својот двегодишен мандат во Бугарија два и пол пати ја зголемил економската соработка помеѓу Бугарија и Иран и дека иранските бизнисмени се заинтересирани за инвестирања на нови пазари и конкретно во Северна Македонија.
– Ние сме фокусирани на развивањето на меѓународните односи во рамките на нашите стратешки цели, НАТО и Европската Унија, но како држава што се стреми да отвора економски перспективи градиме пријателства во целиот свет. Покажавме дека сме мирољубива мултиетничка држава, симбол на пријателствата и на мирот, пример за мирот и стабилноста и уверени сме дека сите овие политики допрва ќе придонесат за силниот развој на економски план, на што работиме. Во таа насока сме заинтересирани да ја унапредуваме економската соработка и со Иран и гледаме можности за тоа – рече премиерот Заев.
На состанокот било констатирано дека има можности за соработка во земјоделството и во културата, како и во областа на индустријата и градежништвото земајќи ги предвид соопштените податоци дека Иран е секогаш меѓу првите две држави во производството на нафта и гас, но и во првите пет држави по бројност на рудници за злато, сребро и слично. Договорено е да им се помогне на стопанствениците од двете држави да ја воспостават или унапредат меѓусебната соработка.