Во Македонија продолжуваат трендовите на константното намалување на сопственото производство на храна, иако состојбата што ја наметна ширењето на пандемијата на корнавирусот укажува дека секоја држава мора да обезбеди домашно производство за задоволување на потребите на граѓаните
Континуиран пад на бројот на говеда, овци, свињи и живина регистрира Државниот завод за статистика. Паралелно со намалувањето на добиточниот фонд, се намалува и домашното производство на свежо месо. Податоците покажуваат дека расте само домашното производство на свежо свинско месо, другите континуирано се намалуваат.
– Во 2019 година, бројот на говедата бележи опаѓање и во однос на 2009 и во однос на 2014 година, а исто така и бројот на овците, свињите и живината. Производството на свинско месо е во пораст во 2019 година, споредено со претходните години, додека производството на другите видови месо е во опаѓање – се наведува во анализата на ДЗС „Северна Македонија во бројки“.
Податоците објавени од статистиката покажуваат дека најголемо намалување на домашното производство на месо имаме кај говедското и кај пилешкото. Имено, во 2009 година биле произведени 7.304 тони говедско месо, додека минатата година биле произведени само 4.083 тони. Значително намалување во производството на свежо домашно месо е регистрирано и кај пилешкото, кое од 3.319 тони во 2009 година се намалило на 1.490 тони минатата година. Пад има и во производството на овчо месо, и тоа од 5.225 на 3.392 тони месо, додека кај свинското месо има раст во производството.
– Во согласност со информациите со кои располагам, само пет отсто од домашните потреби за говедско месо задоволуваме од домашно производство. Состојбата со производството на пилешко месо исто така е драстично влошена, додека само кај производството на свинско месо може да се задоволат домашните потреби. Состојбите се драстично променети, порано во селата секое домаќинство си чувало барем по една крава, која им давала доволно млеко за домашни потреби, како за млеко за пиење така и за правење сирење, урда или други производи.
Сега веќе го немаме тоа, дополнително се намалува и откупот на млеко од фармерите, но со намалувањето на сточниот фонд не само што се намалува производството на млеко и на месо се намалува и арското ѓубре, кое се користи за ѓубрење на нивите и за тоа е исто така сега потребен увоз, поради што дополнително и ливадите стојат неопасени. Ова е една целина што е запоставена и ако сакаме да го обновиме сточарското производство, мора прво да започнеме со обнова на кравите и на овците и со нив ќе расте како домашното производство на месо така и домашното производство на ѓубриво, на кожа, на сите продукти што се добиваат од сточарството, а за кои ние сега даваме големи финансии за нивен увоз – објаснува Љупчо Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.
Состојбата што ја наметна ширењето на пандемијата на корнавирусот укажува дека секоја држава мора да обезбеди домашно производство на храна за задоволување на потребите на граѓаните. Согледувајќи ја потребата од домашно производство на пилешко месо, сопственикот на компанијата „Везе шари“, Арбен Абдурахмани, посочува дека покрај производството на јајца за домашниот пазар и за извоз и производството на месни преработки, во следниот период заедно со други инвеститори ќе вложи во домашно производство на пилешко месо бидејќи токму сточарското производство го смета за најсигурен бизнис.
– Можеме да се откажеме од многу работи ама мора да јадеме. Имањето на што е можно повеќе сопствено производство на храна е многу важно за секоја држава. Кризата со пандемијата на коронавирусот го покажа тоа, а создавањето поповолни услови за земјоделско-сточарското производство треба да биде императив за секоја влада. Земјоделството е еден од најважните фактори за сигурноста и безбедноста на секое општество. Недоволното производство на храна и условеноста од увоз секое општество го прават ранливо. Во време на вакви глобални кризи недостигот од храна само може да ја влоши состојбата. Поради овие причини се вклучивме со проект за кој сметаме дека ќе придонесе побрзо да се намали зависноста на државата од увоз на пилешко месо – вели Абдурахмани.
Тој посочува дека започнатата инвестиција заедно со други домашни и странски инвеститори ќе биде во согласност со највисоките ЕУ-стандарди. Планирано е вкупно производство од 12,5 милиони бројлери годишно, инвестицијата ќе се одвива во неколку фази, а целосно ќе се заокружи во рок од 5 години.