Фото: Маја Јаневска-Илиева

Клучно е да се има јасна претстава за посакуваната структура на македонската економија, за да можат економската политика и мерките да се насочат онаму каде што се креира најголема додадена вредност и најголем нето-извозен ефект за земјата, за да имаме повисок раст на БДП. Можностите на кои треба да се работи се градење извозна конкурентност, при што економската литература и успешните практики на брозрастечките економии може да бидат главен водич во дефинирањето на идните економски политики, тврдат економските експерти и аналитичари

ПОДАТОЦИТЕ ЗА РАСТОТ НА БДП ВО ВТОРИОТ КВАРТАЛ ОХРАБРУВААТ ЗА ПОЕНЕРГИЧНИ МЕРКИ ВО ЕКОНОМИЈАТА

И покрај растот на бруто-домашниот производ (БДП) од 13,1 отсто во вториот квартал од годинава, сепак неизвесноста во економијата во нашата држава повторно е зголемена во третиот, но и за четвртиот квартал. Неизвесноста и стравот од нови бранови на коронавирусот и понатаму се присутни и се закана за растот и развојот на економијата во светот, но и кај нас.
Иако во еврозоната во третиот квартал од 2021 година БДП се зголеми за 2,2 отсто во споредба со претходниот квартал, сепак економистите и бизнис-секторот не се оптимисти во однос на стапките на раст во третиот и четвртиот квартал за нашата земја. Економистите велат дека растот на БДП од 13,1 отсто во вториот квартал го компензира падот од претходните квартали и доколку се стабилизира појавата на новите мутации на вирусот, тогаш очекуваат поголем раст во 2022 година.
Според податоците објавени од Евростат, БДП во еврозоната се зголемил за 3,7 отсто во третиот квартал на 2021 година во однос на истиот период во 2020 година. Во третото тримесечје, БДП во Германија се зголемил за 1,8 отсто, во Франција 3 отсто, во Италија 2,6 отсто и во Шпанија 2 отсто во однос на претходниот квартал.
Според универзитетскиот професор Дарко Лазаров, очекувањата за растот на БДП во третиот квартал не се поволни, имајќи ги предвид резултатите во неколку клучни сектори.
– Имено, индустриското производство во периодот јули-септември бележи пад од 3,3 отсто, за истиот период бележи пад и градежниот сектор. Тенденциите во надворешнотрговскиот сектор во третиот квартал се исто неповолни. Всушност, растот на увозот во периодот јули-септември е значително поголем од растот на извозот. Стапката на раст на извозот е само 7 отсто, додека стапката на увоз е 17 отсто. Ова укажува дека во третиот квартал имаме значително зголемување на трговскиот дефицит, што, се разбира, ќе има негативна рефлексија врз растот на БДП – потенцира Лазаров.

Како што вели тој, не треба да се занемари и ниската реализација на капиталните расходи, кои се само 58 отсто до денес, што, секако, ќе влијае негативно врз вкупните инвестиции во државата.
– Не може да се каже дека новиот бран ќе влијае дополнително во економијата до крајот на годината, со оглед дека веќе влегуваме во декември, а дополнителни мерки за заштита не се очекува да се донесат до крајот на годината, но она што можеби треба да загрижува е каква ќе биде состојбата со појавата на новите мутации на вирусот во светот и како тоа би можело да се рефлектира врз светската економија, а секако и врз нашата економија следната година – објаснува Лазаров.
Професорот нагласува дека многу се зборува за остварување високи стапки на раст во нашата држава, но многу малку се работи на тоа, затоа и се потребни радикални промени во постојниот економски модел на земјата, кој има многу дефекти.
– Македонија е мала отворена економија, лоцирана во Европа, и единствена алтернатива на која треба да се работи е градење извозна конкурентност. Економската литература и успешните практики на брозрастечките економии може да бидат главен водич во дефинирање на идните економски политики, се разбира, потребни се креатори на економски политики што треба да имаат визија, знаење и капацитет како тие успешни практики и политики да ги приспособат и имплементираат во случајот на Македонија – смета Лазаров.
И од институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ неодамна предупредија дека неизвесноста во економијата повторно е зголемена во третиот квартал поради четвртиот бран од пандемијата и дека остануваат на проекцијата за раст на БДП од 4,1 проценти годинава.

– Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности сѐ уште се нагласени. Високиот раст во вториот квартал е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020-та, во кој пандемијата го имаше првиот и најсилен удар на економијата. Според дејности, ударот пред една година беше најсилен врз трговијата, сместувањето и послужувањето храна и транспортот, како резултат на што и растот во вториот квартал од 2021-та е најголем во овие дејности, околу 46 отсто. Растот кај преостанатите дејности е значајно помал, со исклучок на индустријата, која порасна за 11,4 отсто – наведуваат од „Фајненс тинк“, додавајќи дека ваквиот раст на БДП во вториот квартал се должи и на растот на бруто-инвестициите, извозот и увозот, кои во голема мера зависат од капацитетите во ТИРЗ-зоните.
Од Стопанска комора на Северна Македонија велат дека економската политика содржи разновидни елементи, при што некои од нив имаат перманентно значење како приоритети за постигнување забрзан и долгорочно одржлив економски раст и развој. Тука спаѓаат одржувањето на макроекономската стабилност и предвидливоста на економскиот амбиент, вклучувајќи и во поглед на регулативата и даноците.
– Во услови кога македонската економија е мала и отворена економија, ориентацијата кон извоз не е прашање на избор, туку прашање на опстанок. Во тој контекст, неопходно е да се има предвид сѐ што влијае на конкурентноста на македонската економија и како дополнување на она што го прави самиот приватен сектор континуирано да се преземаат системски мерки и активности од страна на државата за подобрување на конкурентноста – објаснуваат надлежните од СКСМ.

Притоа, како што додаваат оттаму, клучно е да се има јасна претстава за посакуваната структура на македонската економија за да можат економската политика и мерките да се насочат онаму каде што се креира најголема додадена вредност и најголем нето-извозен ефект за земјата.
– Во целиот процес исклучително е важна поддршката на инвестициската активност на македонските компании. Тоа ќе овозможи обнова на опремата за производство, користење нови технологии и зголемување на продуктивноста и конкурентноста. Работните места што ќе се отворат врз основа на зголемена инвестициска активност се и најодржливи на долг рок – сметаат од СКСМ.