Растот на БДП од три проценти во третиот квартал годинава во однос на третиот квартал лани е повеќе од прогнозите на одредени институции што ни дава надеж дека ќе бидат достигнати последните прогнозирани бројки за растот на економија, а за наредниот период се очекува раст и кај градежништвото, оцени вчера вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
– Што се однесува до градежништвото сакам да напоменам дека тоа беше 40 отсто пониско во првиот квартал, а потоа во вториот и во третиот квартал тие проекти ги заживеавме. Третиот квартал е периодот од јуни до септември, а знаете дека проектите како автопатот Кичево – Охрид, првата фаза на железницата Куманово – Бељаковце и експресните патишта ги почнавме подоцна – вели Анѓушев.
Според Анѓушев, особено е значајно што БДП е генериран од реалната економија, а не од брзи и виртуелни проекти што државата претходно ги правела со задолжување само за да се генерираат бројки.
Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија рече дека растот од три проценти е показател за заживување на економските активности.
– Претходно имаше податоци и за раст на индустриското производство од пет проценти. Тоа секако е индикатор дека состојбите одат по некоја нагорна линија. Ако имавме кумулативно раст во првите два квартала од 1,6 отсто, сега со овој раст може да очекуваме дека предвидените проекции, и во согласност ребалансот на буџетот, би можеле да се остварат до крајот на годината, но сепак треба да се почекаат и податоците за четвртиот квартал за да можеме да ги потврдиме со факти – оцени Пеева Ѓуриќ.
Марко Мантованели, претставник на канцеларијата на Светска банка во Македонија, исто така оцени дека постои позитивен тренд со оглед на растот од нула проценти во минатата година.
– Инвестициите се враќаат во земјата и тоа се добри вести. За Македонија е клучно да го забрза растот – рече Мантованели.
Државниот завод за статистика претходно објави дека БДП во третиот квартал годинава бележи раст од три проценти и оти извозот на стоки и услуги е номинално зголемен за 16,4 отсто, а увозот бележи зголемување во номинален износ од 12,6 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2018 година номинално расте за пет отсто, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 62,5 проценти. Е.Р.