Градежниот сектор како еден од секторите двигатели на македонската економија може да придонесе за излез од кризата и со тоа и за забрзување на економскиот развој во периодот на закрепнување доколку му се овозможат услови за работа – oваа порака денеска му ја пренесе претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Ивица Јакимовски, на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, со кого ја имаше првата официјална средба.
Јакимовски потенцираше дека итно, без одложување треба да се преземат две важни активности. Прво да прекине мораториумот за градба во општините бидејќи, како што рече, ја оневозможува работата на градежните компании и тие трпат големи штети и да се забрза со донесувањето на деталните урбанистички планови во општините каде што оваа постапка веќе е започната. Второ е да се надмине проблемот на кој се укажува подолго време, а тоа е не запазување на законските рокови за издавање соодветна документација и дозволи од страна на општините со што се кочат градежните проекти.
– Градежни компании кои се членки на Градежната комора изразуваат подготвеност да инвестираат една милијарда евра во наредните три години. Тоа е потребно во време на криза. Ние како компании преземаме обврска да инвестираме во проекти кои веќе постојат и бараме од централната и локалната власт да преземат конкретни мерки и чекори за да се создадат услови за почнување на реализацијата на проектите. Нашето конкретно барање е да ни се дозволи да инвестираме и на тој начин да се помогне на населението и стопанството во време на криза – изјави Јакимовски.