Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги повика сите микро и мали компании, занаетчии и жени претприемачи да ја искористат финансиската поддршка што им ја нуди Министерството за економија, во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании.
Со јавниот повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање на 50% од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за фотоволтаични панели. За оваа намена се предвидени вкупно 30,7 милиони денари, додека финансиската поддршка по еден апликант неможе да надмине 400.000 денари.
Доколку фирмата е управувана или основана од жена, тогаш субвенцијата се зголемува за 10%.
Крајниот рок за аплицирање е 16.4.2020 година.
Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женско претприемништво предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање на 80% на трошоците на компании кои се 50% во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор и воведување софтверски решенија.
За оваа програма во рамки на буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 4 милиони денари, а максималниот износ на поддршка по апликант е 400.000 денари.
Крајниот рок за аплицирање е 30.4.2021 година.
Со јавниот повик за субвенции за занаетчии е предвидена финансиска поддршка за покривање на 60% од трошоците на занаетчиите за набавка на опрема и алати како и уредување, односно подобрување на деловниот простор. Максималниот износ на поддршка за еден апликант изнесува 120.000 денари за трошоци направени во 2020 и 2021 годиина.
Крајниот рок за аплицирање за овој јавен повик е 30.4.2020 година.