„Алкалоид“ АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – септември 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран биланс на успех.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември, продажбите достигнуваат околу 5,5 милијарди денари, што е за 7 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува околу една милијарда денари, бележи зголемување од околу 9 отсто, единечната нето-добивка изнесува 611 милиони денари, зголемена е за 8 отсто.
Во периодот јануари – септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 7,2 милијарди денари, што е за 9 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 4 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во Русија и другите земји од Заедницата на независни држави се остварени 6 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто и на другите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен пораст е остварен во Унгарија, со продажби од околу 103 милиони денари, што е 4,3 пати повеќе од лани.
Потоа, во Полска, со продажби од околу 37 милиони денари, што претставува зголемување од 3,5 пати, и во Украина, со продажби од околу 125 милиони денари, што претставува зголемување од 2,2 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Чешка со пораст од 149 отсто, САД со пораст од 86 отсто, Грузија со пораст од 27, Србија со пораст од 25, Романија со пораст од 22 отсто, Косово со пораст од 21отсто.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 84 отсто. Од нив, поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, антибиотиците со 14 отсто, Невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или, поточно, хемија учествува со 3 отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува околу една милијарда денари, бележи пораст од 7 отсто, додека нето-консолидираната добивка во износ од 587 милиони денари е зголемена за 6 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2018 година изнесуваат 873 милиони денари, што претставува зголемување за 69 отсто во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – септември 2018 година во „Алкалоид“ се реализирани 144 нови вработувања во Република Македонија.